Стефоска и Гир ја најавија новата програма „Креативна Европа 2021 – 2027 година“
Со тркалезна маса на тема „Креативна Европа – Перспективите на Западен Балкан“, денеска заврши тридневниот циклус на јавни настани на Министерството за култура и канцеларијата на „Креативна Европа – Култура“ – „Креативна Европа – Дома“, посветени на поддржаните проекти во периодот 2014-2020 година, како и нивната рефлексија на национално и на регионално ниво. Министерката за култура, Ирена Стефоска, и амбасадорот на Европската Унија во нашата држава, Дејвид Гир, на денешната тркалезна маса посветена на предизвиците и рефлексијата на програмата „Креативна Европа – Култура на ЕУ“, во своите обраќања се осврнаа на резултатите од претходниот програмски циклус, а го најавија и почетокот на новата програма „Креативна Европа 2021 – 2027 година“, која на крајот од минатиот месец беше усвоена од страна на Европскиот парламент. Стефоска, истакнувајќи ги досегашните резултати на нашата држава, потврди дека Министерството за култура веќе изрази интерес за учество во новата програма, како и подготвеност за потпишување грант-договор со Европската комисија. „Во текот на овој циклус поддржани се 79 проекти на невладини организации, издавачки куќи, национални и локални установи од областа на културата, а поддршката на ЕУ за овие македонски организации изнесува 4,5 милиони евра. Издвачкиот сектор во нашата држава уште еднаш ги потврди исклучителната посветеност и успехот во рамките на оваа програма на европско ниво, а Министрството за култура, секако, продолжува со кофинансирање на поддржаните проекти“, рече Стефоска. Таа додаде дека како координативно тело за спроведување на програмата на национално ниво, Министерството, и во иднина ќе продолжи преку конкретни мерки да одговори на предизвиците базирани на досегашните искуства од спроведувањето на програмата на национално и на локално ниво, а сѐ со цел олеснување на пристапот во новата програма до што поголем број корисници од културните и креативните сектори. Амбасадорот на Европската Унија во нашата држава, Дејвид Гир, на тркалезната маса истакна дека културниот и креативниот сектор секогаш играле главна улога во животот на Европа и ги ширеле европските вредности. Тој истакна дека културниот и креативниот сектор претствуваат 4,2 проценти од европскиот вкупен БДП и 3,8 проценти од работната сила во ЕУ и се меѓу најдинамичните сектори во Европа. Повикувајќи се на информации од Евростат, Гир рече дека во културата и во креативниот сектор се вработени 8,7 милиони луѓе во ЕУ. „Програмата ‘Креативна Европа’ на некој начин е консолидирана форма на поддршката на ЕУ за овие индустрии. Во периодот од 2014 до 2020 преку оваа програма се доделени над 13.000 гранта, а ги искористиле 41 земја. Кофинансирани се речиси 16.500 културни проекти за соработка во Европа“, рече Гир.
Comentarios