top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Стефановски во „Лисински“ – за старт на проекциите од концертите на Кроација Рекордс

30.06.2021 Juni Sreda

Во Кинотека на Македонија, на летната сцена „Мирно лето“, на 1 јули, во 20:30 часот, со проекција на концертот на Влатко Стефановски во загребски „Лисински“ започнува циклусот „Концерти во Кинотека со Croatia Records“. Ова се проекции кои Кинотеката ги реализира во соработка со најголемата дискографска куќа во регионот „Croatia Records“. Имено, од 1 јули, па секој следен четврток во седмиот месец на тековната година, ќе биде прикажан по еден концерт од богатата Blu Ray програма на дискографскиот гигант.

Циклусот го отвора концертот „Влатко Стефановски – Live at Lisinski“, од 17 април 2018 година, кога во Загреб беше промовиран неговиот албум „Мајчин јазик“.

„Овој концерт, кој беше поместен на современиот медиум Blu Ray има историска важност – ова е прво Blu Ray издание на некој македонски музичар. Врвното аудио-визуелно доживување содржи 18 песни и трае безмалку два часа“, посочуваат од Кинотека.

Концертот започнува со култната „Абер дојде, Донке“ од репертоарот на „Леб и сол“, а завршува со уште една музичка антологија – „Скопје“. Во концертниот репертоар на Влатко таа вечер во „Лисински“ беа и: „Македонско девојче“, „Успаванка за Радмилу М“, „Верба, надеж, љубов“, „Бистра вода“, „Чукни во дрво“, „Чувам ноќ од будних“… „Во традиционалните ‘Елено ќерко’ и ‘Кољо’, гости на Влатко се Љубојна, додека во ‘Gipsy song’ и ‘Калајџиско оро’ таа чест да му гостуваат на еден од најголемите гитаристи на овие простори, ја имаа Хојсак & Новосел. Јосипа Лисац на овој концерт, како специјална гостинка настапи со безвременската ‘Јано мори’“, додаваат од Кинотека.

Посетителите на овој настан ќе имаат прилика да се запознаат и со најновите изданија на Croatia Records.

Веќе следниот четврток, на 8 јули, во рамките на циклусот ќе биде емитуван концертот „Јосипа Лисац from Croatia Records Studio – …ту у мојој души станујеш…“, кој големата дива му го посвети на нејзиниот легендарен сопруг Карло Метикош. Концертот беше реализиран во студиото на „Croatia Records“ во Загреб на 30 октомври 2018 година.


1 view

Comments


bottom of page