Стефан Марковски, директор на библиотеката „Гоце Делчев“ во Гевгелија: Започна дигитализација на изданијата од Роднокрајниот оддел
23.07.2024 juli Vtornik
„Дигиталното зачувување на овој вид литература е особено важно, бидејќи ѝ овозможува на заедницата повторно да се поврзе со своите корени, да ја разбере историјата во својата сеопфатност, земајќи ги во прв план сите вредни сознанија за културните практики, обичаите и за традициите. Некои од овие изданија документираат уникатни сведоштва за важни настани и значајни личности“, вели за весникот ВЕЧЕР Стефан Марковски, директор на библиотеката „Гоце Делчев“ – Гевгелија
Библиотеката „Гоце Делчев“ од Гевгелија неодамна започна со дигитализација на околу 400 наслови од Роднокрајниот оддел. За овој проект, разговаравме, за весникот ВЕЧЕР, со директорот на оваа установа, писателот Стефан Марковски.
Започнавте со дигитализација на книжевниот фонд на Библиотеката „Гоце Делчев“, меѓу првите во Македонија. Зошто се решивте на овој чекор?
Како што е познато, дигиталната ера коренито го смени начинот на кој луѓето добиваат информации, нудејќи им нови начини на библиотеките да ја задржат општествено-културната значајност, релевантност и актуелност. Библиотеките повеќе не се ограничени на физички книги и печатени форми; тие може да обезбедат плејада нови ресурси и услуги, благодарение на дигитализацијата. Можноста да се понуди соодветен избор на е-книги, аудиокниги и дигитални периодични изданија е една од најважните компоненти на овој процес, додека членовите може да пристапат до дигитални ресурси од удобноста на своите домови, што го прави практичен избор за многумина.
Кои изданија ќе ги дигитализирате во прво време?
Проектот „Дигитална библиотека“ на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија предвидува дигитализација на различни изданија со кои располага Библиотеката, но, во прв ред, тоа се книгите од Роднокрајниот оддел, кои се однесуваат како на иследувањето на историскиот развој на градот во целина така и на иследувањето на делата и активностите на поединечни дејци што се на одреден начин поврзани со него. Дигитализирањето различни видови изданија од роднокрајни автори или публикации што се важни за локалната заедница е појдовна точка кон одржувањето на свеста за културата и за културното наследство. Со дигитализирање на овие изданија, библиотеките се грижат тие да не бидат загубени во времето, правејќи ги достапни за проучување од идните генерации и пошироката публика.
За колку наслови станува збор и каде ќе може читателите да ги побараат овие дигитални наслови?
Во Роднокрајниот оддел на Библиотеката има околу 400 наслови. Во моментов, на веб-сајтот на Библиотеката bibliotekagevgelija.com.mk има поставено осум наслови, 15 се во тек на поставување на сајтот, а се очекува до крајот на годинава да бидат поставени уште најмалку 20 наслови. Дигиталното зачувување на овој вид литература е особено важно, бидејќи ѝ овозможува на заедницата повторно да се поврзе со своите корени, да ја разбере историјата во својата сеопфатност, земајќи ги во прв план сите вредни сознанија за културните практики, обичаите и за традициите. Некои од овие изданија документираат уникатни сведоштва за важни настани и за значајни личности. Со скенирањето на овие книги, библиотеките можат да помогнат да се зачува културниот идентитет на заедницата и да се направи достапен за секој што е заинтересиран да го прошири кругот на своите сознанија.
Кому сè може да му користат овие дигитални наслови?
Дигитализацијата на изданија од Роднокрајниот оддел може да им користи, освен на читателите, и на локалните автори. Дигитализирањето на нивните дела обезбедува пристап до поширока публика, овозможувајќи им да допрат до читатели што, можеби, немале пристап до нивните книги, што, пак, може да помогне кон зголемувањето на видливоста на роднокрајните автори, односно кон препознавањето и поддршката за нивната работа. Истовремено, дигитализираните изданија може лесно да се пребаруваат преку Интернет, што им олеснува на истражувачите да ги пронајдат и да ги проучат овие материјали. Со дигитализирањето, библиотеките може да придонесат кон остварувањето на одредени истражувачки цели, но и кон популаризацијата на истражувачките активности воопшто. Воедно, во него се вклучени и изданија од автори и книжевни дејци што потекнуваат, живеат/живееле или на друг начин се поврзани со Гевгелија и со гевгелискиот крај.
Инаку, Библиотеката „Гоце Делчев“ официјално почнала со работа во февруари 1945 година, кога со масовна акција и голема помош од месното население биле собрани околу 3.000 книги. Таа денес располага со богат книжен фонд од над 70.000 библиотечни единици, распоредени во неколку оддели: Детски оддел, Оддел за возрасни, Оддел за стручна литература, Роднокраен оддел и Оддел периодика. (Љ.А.)
Comentários