top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Стефан Божиновски за филмот „Тука сум“: Зборувам за проблематика која во нашето општество е табу

„Сценариото за „Тука сум“ го разивав една година, во рамки на проект и, за среќа, успеавме да најдеме средства за да го снимиме. Со филмот сакав да зборувам за проблематика која во нашето општество е табу.

Прикажана е општа архетипска приказна во која мислам дека секој ќе се најде. Филмот е снимен во два дена. Беше прекрасно искуството да се работи со професионални актери, на почетокот тоа ми претставуваше и по малку стрес, зашто сакавме да оставиме убав впечаток“, истакна младиот автор Стефан Божиновски за својот филм „Тука сум“, кој со големо внимание беше проследено од средношколците во рамките на 9. издание на Филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“ кое започна на 7 октомври и ќе трае до 12 октомври.

Дебитантскиот краток филм на Божиновски, кој е студент по графика на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, ги поттикна филмофилите да разговараат на темата која беше во фокусот на филмот: неприфаќање на различностите и стереотипите што владеат посебно во самите семејства каде што има лице со различна сексуална определба. Главните улоги во филмот чија премиера се случи минатата недела, ги толкуваат Тања Кочовска, Предраг Павловски и Мартин Ѓоргиев.

Инаку, проекциите и работилниците кои се дел од „Џифони Македонија“ се одржуваат во Младинскиот културен центар и Кинотеката.

Младите имаа можност да се сретнат и со „Марви продакшн“, продукциска куќа на група ентузијасти, некогашни џифонци, кои во последните неколку години снимаат филмови и серии. Тимот го предводи младиот режисер Мартин Чичовски кој заедно со Оливера Каменаровска зборуваше за нивниот последен проект „Другата страна“, филм наменет за деца.

“Идејата на филмот е да се зборува за тоа дека децата треба да се среќни“, раскажаа Мартин и Оливера. Тие потсетија и на нивната серија „Тремор“ на која работат речиси три години, а ќе започне да се прикажува во мај 2022.



4 views

Comentarios


bottom of page