top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Стартува Фестивал на традицијата и историјата во Преспа со одбележување на првиот час по македонски

Updated: Jul 9, 2021

08.07.2021 Juli Cetvrtok

Со одбележување на првиот час по македонски јазик, во старото училиште „Димитар Влахов“, во селото Љубојно, в сабота ќе почне првиот мултимедијален фестивал на традицијата и историјата во Преспа „Преспаленд 2021“.

Посетителите, како што информира организаторот, ќе имаат можност да ги вкусат традиционалните, преспански рецепти на локацијата на старото училиште во Љубојно, а настап ќе имаат музичката група Перија и виртуозот на канон и саз, Џенгиз Ибрахим.

Посетителите ќе имаат можност да слушнат и поезија од Елена Пренџова, Игор Трпчески-Трпе, Марија Грубор и Горазд Китаноски-Кени од Поетри слем Македонија.

Инаку, во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно пред 76 години се одржал првиот час на македонски јазик во Преспа. Тоа е првото училиште на македонски јазик во Преспа, а второ во слободна Македонија.

По ослободувањето на 14 ноември 1944 година, за првпат во Љубојно се отворило училиште на мајчин – македонски јазик. Тоа претставува гордост на плеjадата интелектуалци кои го започнале своето школување на мајчин јазик. Се смета дека посебно внимание заслужуваат напорите на првите македонски учители во Љубојно, а тоа биле: Методија Јовковски, Благоја Ничевски и Јосив Кондовски од Љубојно, Филип Поповски од Долно Дупени и Фанија Чемчева од Воден, Егејска Македонија…

Според најавата на Министерството за култура, училиштето ќе стане Центар за промоција на македонскиот јазик, а во буџетот за култура за 2021 година се предвидени пари за негово реновирање.

Фестивалот „Преспаленд 2021“ продолжува в недела на плажата „Сливница“, со концерти на дуото Дац и Александар и Владо Јаневски. Во рамки на фестивалот, во наредните три месеци ќе се организираат едукативни работилници, спортски активности, традиционални и вкусни локални приказни, музички настапи, а најавени се и многу сценски изведби и изложби. Организаторот најавува посета на шест села, со 11 настани, како и време поминато во природа и разубавување на 11 локации.



3 views

Yorumlar


bottom of page