top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Стартот во Будимпешта, финишот во Верона

Updated: Apr 19, 2022

18.04.2022 April Ponedelnik

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – пред 105. ЏИРО Д’ИТАЛИЈА

Годинашното, 105-то издание на велосипедската трка Џиро д’Италија ќе започне на 6 мај во Будимпешта, Унгарија, а ќе заврши на 29 мај во Верона. Лани победи Колумбиецот Еган Бернал од Инеос гренадирс, кој во февруари тешко се повреди и сезонава ќе се фокусира на Тур де Франс, во обид да го спречи третиот триумфот во низа на Словенецот Тадеј Погачар.

Будимпешта првично требаше да биде домаќин на стартот на Џиро во 2020 година, но пандемијата на коронавирусот ја одложи трката и услови ревизија на патеката, па таа започна на Сицилија. Последен пат стартот на Џиро во странство беше во 2018 година, во Израел, а во текот на минатата деценија трката започнуваше од Холандија, Данска и од Ирска. Покрај Џиро, годинава и другите две гран-тур трки ќе стартуваат во странство, Тур де Франс во Копенхаген, Данска, а шпанската Вуелта во Утрехт, Холандија.

Во трите недели на Џиро, велосипедистите ќе треба да извозат 3.410 км. Делницата ќе биде мешавина од рамни, ридски и планински етапи, со тоа што организаторите клучните денови ги зачуваа за последната, трета недела, за кога се предвидени планинските, 16-та и 17-та етапа на Доломитите. Тур де Франс сѐ уште е најважна трка во сезоната, па оттаму на Џиро ќе нема некои од најголемите имиња на гран-тур трките, како што се Словенците Тадеј Погачар и Примож Роглиш, Еган Бернал, Герент Томас, Жулијан Алафилип, Тибо Пино и други. Но тоа е шанса за победникот од 2020-та, Гогеган Харт, за двократниот победник на Џиро, Винченцо Нибали, за Ричард Карапаз, Том Думулан, Сајмон Јејтс итн. Последните години и децении велосипедистите возат или на Тур или на Џиро, односно на Вуелта. Последен што победил на Џиро и на Тур во иста година (1998) беше Италијанецот Марко Пантани.

Лани на Џиро д’Италија беше одбележана 90-годишнината од воведувањето на традиционалната „розова маичка“ за најдобриот велосипедист. Таквата маичка беше претставена во 1931 година од Армандо Куње, новинар на „Газета дело спорт“, кој го создаде и Џиро д’Италија 20 години порано. Идејата беше лидерот на трката полесно да се идентификува во пелотонот од официјалните лица и од навивачите покрај патот. Рекордот со најмногу денови во розовата маичка (78) го држи Белгиецот Еди Меркс, а потоа следуваат Франческо Мозер со 57 и Џино Бартали со 50. Најмногу победи на Џиро, по пет, имаат забележано Алфредо Бинда, Фаусто Копи и Меркс.


1 view

Comments


bottom of page