top of page

Стартен пораз за Македонија од Швајцарија

Домашен пораз за кошаркарската репрезентација на Македонија на првиот меч од претквалификациите за Мундобаскетот 2023.

Пулените на селекторот Драган Бајиќ предмалку со 67-62 во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје загубија од Швајцарија во првиот натпревар од претквалификациската група „Ф“ за пласман на СП.

Гостите на стартот дојдоа до водство од 7:2. Следуваше консолидација на нашите редови и пресврт на резултатот – 10:9. Сепак Швајцарците предводени од Ковач стигнаа до +5 по првиот период, 22:17.

Во втората четвртина почетокот донесе слаба реализација за Македонија, па противникот брзо стигна до +11 – 33:22. Резултатот на полувремето гласеше 35:25 во корист на Швајцарија.

Во второто полувреме Македонија беше подобра, намали на -6, а пред стартот на последниот период на семафорот стоеше 49:42.

Конфузијата во нашите редови се покажа и во последниот период, па Швајцарците преку Казади стигнаа до првиот триумф на турнирот – конечни 67:62.

Кај Македонија најпрецизен беше Адем Мекиќ со 16 поени, Џејкоб Вајли реализираше 15 поени и имаше 13 скока. Крстевски мечот го заврши со13, а двоцифрен беше и Магдевски со 10 поени.

Кај Швајцарија Казади постигна 19, а Ковач 11 поени.

Следниот меч на Македонија е в сабота, против селекцијата на Словачка.

Пласман во главните квалификации за Мундобаскет обезбедуваат двете првопласирани репрезентации.


 
 
 

Comments


bottom of page