„Стари балкански фотографии” – од македонскиот и од бугарскиот Архив
Државниот архив на РС Македонија и Државната агенција „Архиви” на Република Бугарија заеднички подготвија изложба насловена „Стари балкански фотографии”, која во наредните десет дена ќе може да се види во Музејот на Македонија.
На изложбата се прикажани архитектурата, народните носии, обичаите и занаетите од крајот на 19 и почетокот на 20 век на балканските простори. Изложбата ја подготвија експерти од двата архива, а беше отворена од страна на директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, неговиот бугарски колега, д-р Михаил Груев и д-р Јасмина Дамјановска, а збор имаше и амбасадорот на Бугарија во нашата земја, Ангел Ангелов.
„Државниот архив настојува да ја афирмира својата архивска документација врз основа на меѓународните програми за културна и научна соработка што е директно воспоставена со над 20 архиви во Европа и светот. Оваа изложба го потврдува значењето на фотографијата како битен историски извор на кој треба да му се посветува големо внимание во интерес на зачувувањето на нашата историја, култура и традиција”, нагласи директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.
Двата архива учествуваат со по стотина фотографии од своите фондови.
„За да не се заборават судбините на нашите предци, изложбата „Стари балкански фотографии“ овозможи повторно навраќање кон она што одамна, но трајно го забележа фотографијата како битен и значаен сведок за одблиску повторно да се слушнат и да се видат сите тие ликови кои некогаш биле дел од секојдневието забележано онака како што и самите тие сакале да бидат забележани… Меморијата за настаните е апсолутно важна, но не и трајна доколку не се поддржува со изворната документација од архивите, меѓу која свое место си имаат обезбедено и фондовите со зачуваните фотографски материјали“, се вели во најавата на изложбата.
Comments