top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Старата железничка станица во Стоби се адаптира во центар за посетители

21.03.2024 Mart Cetvrtok

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска информира дека Европската Унија вложи над 495.000 евра неповратни средства во проектот „Еуропос Платино Стоби – Европското минато, иднина и културни вредности“. Од нив, 186.000 евра доби „Стоби“ за адаптација на објектот во кој посетителите ќе имаат можност да го видат движниот културолошки слој на овој археолошки локалитет, со што Стоби станува поатрактивен за туристите

„Објектот на ‘Старата железничка станица’ во ‘Стоби’, кој со поддршка од ИПА-фондовите прерасна во нов, модерен центар за посетителите, е уште една потврда дека евроинтеграцијата не е само апстрактна приказна туку конкретна и видлива придобивка за граѓаните“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која вчера заедно првиот заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, и дополнителната заменичка-министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, го посети Археолошкиот локалитет „Стоби“. На овој локалитет во тек се активностите за реализација на проектот „Конзерваторско-реставраторски работи и конструктивно зајакнување на објектот Стара железничка станица и нејзина адаптација во центар за посетители“.

Министерката за култура информираше дека Европската Унија вложи над 495.000 евра неповратни средства во проектот „Еуропос Платино Стоби – Европското минато, иднина и културни вредности“. Од нив, 186.000 евра доби „Стоби“ за адаптација на објектот во кој посетителите ќе имаат можност да го видат движниот културолошки слој на овој археолошки локалитет, со што „Стоби“ станува поатрактивен за туристите.

„Оваа иницијатива, која беше препознаена и од партнерите во Грција дека ЕУ-фондовите, не само што нè движи побрзо на европскиот пат, туку и придонесува во одржувањето добрососедските односи и за зајакнување на комуникацијата и довербата“, нагласи Костадиновска-Стојчевска. Таа упати честитки до директорот на НУ Археолошки локалитет „Стоби“, Спасе Перовски, и до сите вработени за посветениот ангажман во обезбедувањето на европските средства преку ИПА-прекугранична програма со Грција.

„Стоби е атракција сам по себе, но содржините што ќе се нудат во Центарот ќе бидат додадена вредност за секој посетител што овде ќе има можност да доживее ново визуелно, образовно и интерактивно искуство“, истакна Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека покрај древната историја на овој антички град, преку овој центар, на современ начин ќе се слуша гласот за историјата, културата и идентитетот на актуелната македонска култура.

Костадиновска-Стојчевска додаде дека ваквите успешни имплементации на проекти од ИПА-програмата за прекугранична соработка го трасираат најефикасниот и единствен пат за остварување на нашата мисија, а тоа е трајна и одржлива заштита на македонското културно наследство во ЕУ.

Проектот „Еуропос Платино Стоби – Европското минато, иднина и културни вредности“ го реализира НУ Археолошки локалитет „Стоби“ со донација од Европската комисија преку телото за управување и развој на ИПА за прекуграничната програма Грција – Македонија, Република Грција. Партнери во проектот се: „CISS Cooperazione, Regional Development Found of Central Macedonia – Region of Central Macedonia“ и „Ephorate of Antiqes of Kilkis“.


1 view

Comments


bottom of page