top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Среќен роденден, Венеција“ – изложба на македонски уметници

Изложба на македонски уметници подарок за Венеција, насловена „Среќен роденден, Венеција“, ќе биде отворена на 23 март и ќе трае до 5 април, во „Магацино галери палацо Контарини Полињак“ во Венеција. Проектот, чија идеја и реализација се на македонската уметница што живее во Венеција, Љупка Делева, има цел да ја продлабочи културната и уметничка соработка меѓу Македонија и градот Венеција. Тоа е еден од најуникатните градови во светот, кој со својата импозантна и турбулентна историја пред сѐ е познат како град-колепка на уметноста, каде што со децении се одржуваат Венециското биенале, една од најважните уметнички манифестации, Биеналето на уметност, архитектура и танц и Венецискиот филмски фестивал. Првично, во 2019 година, кога Венеција беше зафатена од поплава во огромни размери и со големи материјални штети, по апелот за добротворна изложба како израз на солидарност на Делева, триесетина македонски истакнати визуелни уметници подарија свои дела како израз на емпатија што ги поврзува народите. Станува збор за уметниците: Ладислав Цветковски, Микица Трујкановиќ, Симонида Китановска, Нада Прља, Љупка Делева, Жанета Гелевска Вељановска, Гоце Наневски, Александра Димитрова, Крунислав Стојановски, Ана Спасова, Марина Лешкова, Страхил М. Петровски, Јана Манева Чупоска, Ана Трајковска, Ива Станковска, Дарко Марковиќ (донација од Соња Абаџиева), Дијана Томиќ Радевска, Александар Таневски, Зоран Јакимовски, Борис Шемов, Венко Цветков, Колектив Зеро, Дороти Пачкова, Ленче Ламбевска Гулевска, Маја Димитрова, Дарко Аницин, Гордана Винчиќ, Таневска Тања, Предраг Тасиќ, Новица Трајковски и Виолета Чаповска.

– Поради ситуацијата предизвикана од пандемијата на ковид-19, замислената продажна изложба не се реализира, така што првичната идеја за донација и солидарност се преобрази во роденденски подарок по повод јубилејот – 1.600 години од постоењето на градот Венеција во 2021 година. Делата на македонските уметници ќе бидат изложени, а потоа подарени на градот Венеција – вели Делева. Во иницијалниот процес на собирање на делата од македонските уметници, несебична поддршка дадоа: Националната галерија на Македонија, весникот „Нова Македонија“, Стојан Витанов, генерален конзул на Македонија во Венеција, амбасадорот во Рим, Весел Мемеди, ДЛУМ, галеријата „Магацино“ со свој простор, Ана Лазари и Марта Бланкети за текстовите на италијански, Дијана Томиќ Радевска за дизајн, „Ана Спасова офис и дизајн“ и др. Изложбата има и покровителство од Општина Венеција. – Изложбата ќе биде отворена на 23 март, во 18 часот, во палатата „Полињак“, која се наоѓа на неколку чекори од Музејот академија, Колекцијата на Пеги Гугенхајм и базиликата „Салуте“. Овој настан ќе биде збогатен со мало изненадување – вели Љупка Делева, која ѝ е позната на македонската јавност по многубројните самостојни и групни изложби во земјата и надвор, како и во Венеција, каде што живее од 2001 година. Ова е прв нејзин проект во кој има улога не само на учесничка туку и идејаторка и организаторка на настан, плод на љубовта кон родната земја и промоцијата на културната и уметничката современост во Италија, културна амбасадорка и мост меѓу земјата од каде што потекнува и нејзиниот втор дом, Венеција. В.Д.


1 view

Comments


bottom of page