Средба на директорот на Агенцијата за филм со турскиот заменик-министер за култура
Директорот на Агенција за филм Бојан Лазаревски вчера оствари средба со делегација од Турција предводена од турскиот заменик-министер за култура и туризам Ахмед Мисбах Демирџан.
Од Агенција за филм истакнуваат дека на средбата пред сè била истакната одличната соработка помеѓу двете држави, која ги вклучува сите области на културата, а која се должи во дел и на богатото историско и културно минато помеѓу двете земји.
„Присутните на средбата констатираа дека филмот претставува мост помеѓу двете култури и во насока на продлабочување на соработката во полето на филмската дејност беше разговарано за создавање на филмски фестивал кој би се одржувал на територија на Република Турција чија цел е на турските љубители на филмот да им го претстави филмското творештво од земјите на Балканот. Прикажувањето на македонски филмски дела на еден ваков фестивал ќе даде значаен импулс и ќе отвори нови можности за продлабочување на соработката помеѓу двете земји преку промоција на културите и размена на автори и искуства“, велат од Агенцијата за филм.
Присутната делегација од Турција изразила особен интерес и за опусот на браќата Милтон и Манаки Јанаки кои со своето творештво се дел од повеќе истории и култури, вклучително и на турската култура и историја бидејќи својата младост ја поминале за време на Отоманската империја кога и почнале да се занимаваат со фотографија. Дел од снимките кои се дел од нивното творештво опфаќаат настани поврзани со Младотурската револуција а го снимиле и доаѓањето на турскиот султан Решад во Битола.
Двете страни изразиле уверување дека од особено значење е да продолжи комуникацијата и да се отворат можности за интензивирање на соработката помеѓу двете земји во областа на филмската дејност, меѓу другото и преку поттикнување и соработка на копродукциски проекти како и учество на филмски проекти на филмски фестивали во двете земји.
„На средбата како дел од турската делегација присуствуваа и Еркин Јилмаз, генерален директор за кинематографија, Селчук Јавузканат, помошник- генерален директор за кинематографија, Танер Бејоглу, помошник-генерален директор за библиотеки и издаваштво, Шахин Башол, шеф на кабинет на заменик-министер и Хасан Каја, советник на заменик-министер. Од Агенцијата за филм на состанокот присуствуваа Анита Стојческа, Вероника Бучковска и Габриела Стојмировска од секторот за филмска дејносткако и г. Игор Иванов, претседател на Друштвото за филмски работници“, информираат од Агенцијата за филм.
Comments