„Срам“ – перформанс на Ангела Стојановска во МКЦ
20.12.2021 Dekemvri Ponedelnik
Вечерва, со почеток од 21 часот во МКЦ (сала Фросина) ќе се изведе перформансот „Срам“ на Ангела Стојановска.
„Ова е моето простување со срамот од моето тело, од храната, од живеењето во оваа земја. Од срамот кој сум го негувала долго време, кој понекогаш не е лично мој и доаѓа од постапките на другите. Ова е моето прифаќање, заблагодарување и раскрстување со срамот. Време е срамот да оди кај некои други луѓе“, вели авторката и изведувачка на перформансот Ангела Стојановска.
Перформансот „Срам“ е развиван како авторски проект на Стојановска во рамки на платформата за изведувачки уметности на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско – испробување феминистички иднини“.
„Трансформацијата на изведувачката програма на Фестивалот во платформа за изведувачки уметности, произлезе од определбата за развивање феминистички изведувачки форми низ практикување солидарност, поддршка, заедничко учење и соработка, но и пропрашување на динамиките и отфрлање на хиерархиите втемелени во конвенционалниот театар. Активностите на платформата се поврзани со програмата на проектот „Жени за жени“ #wowprogram и проектот Пич Прич кои ги реализира Тиииит! Инк. и кои имаат за цел да придонесат кон унапредување на јавниот интерес за родовите прашања и поголемо присуство на жените во јавната сфера“, се посочува кон перформансот. Креативни соработници на Стојановска се Милош Б. Андоновски, режисер, Ева Камчевска, драматург, Викторија Илиоска, изведувачка и кореографка и Билјана Радиноска, режисерка. Костимите се на Раде Василев, сценографијата на Мартин Манев, Bodypaint на Бојан Ковски. Влезот е слободен, со претходно подигнување на бесплатен/протоколарен билет на билетарница во МКЦ.
Comments