Спортскиот суд во Италија ги одреди казните за хаосот на Јувентус-Интер
Куп пресметката меѓу Јувентус и Интер заврши на доста лош и непопуларен начин, бидејќи покрај расистичките навреди кои беа упатени кон Ромелу Лукаку, финишот од дербито донесе и физичка пресметка меѓу Самир Хандановиќ и Хуан Квадрадо.
Двајцата мораа да бидат раздвојувани од колегите за да не дојде до посериозен инцидент, на кој претходеше и исклучување на Ромелу Лукаку поради неговата провокативна прослава на израмнувачкиот гол во 95-та минута.
На крајот, дербито заврши со резултат 1:1 и со тројца исклучени фудбалери, а спортскиот суд во Италија денеска ги одреди казните за тројцата кои беа запишани во судискиот записник.
Хуан Квадрадо мина најлошо поради тоа што прв го нападна Хандановиќ и е казнет со три меча суспензија и паричен надоместок од 10 илјади евра, што значи дека тој нема да игра против Лацио, Сасуоло и Наполи во Серија А.
Хандановиќ доби идентична парична казна од 10 илјади евра и е суспендиран еден меч, додека иако Интер го обжали црвениот картон на Лукаку, истиот останува на сила и Белгиецот ќе го пропушти мечот со Салернитана.

Comments