„Според Конески македонскиот јазик е македонски национален интерес, а не национален интерес на сосед
20.12.2021 Dekemvri Ponedelnik
„Според Конески македонскиот јазик е македонски национален интерес, а не национален интерес на соседите. Затоа должност на македонскиот народ, но и на македонските државни институции е да се спротивстават на пропагандите кои го негираат постоењето и идентитетот на македонскиот јазик и му ја одземаат стекнатата функција на главен и единствен државен јазик“, истакна во својата беседа академик Катица Ќулавкова, прочитана на Свечениот собир што се одржа во МАНУ каде беа промовирани објавените 12 тома од „Критичкото издание на целокупните дела на Блаже Конески“ и нивните дигитални изданија, а по повод 100-годишнината од неговото раѓање
„Блаже Конески со своето дело ја пренесува пораката дека јазикот има стратешки интерес за опстанокот на еден народ, за востановување на една нација и на една држава, тој смета дека македонскиот јазик е македонски национален интерес, а не национален интерес на соседите. Затоа должност на македонскиот народ, но и на македонските државни институции е да се спротивстават на пропагандите кои го негираат постоењето и идентитетот на македонскиот јазик и му ја одземаат стекнатата функција на главен и единствен државен јазик“, истакна во својата беседа академик Катица Ќулавкова, што во нејзино име ја прочита проф. д-р Марјан Марковиќ, на Свечениот собир што се одржа денес по повод 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески во Македонската академија на науките и уметностите.
Академик Ќулавкова, која е иницијатор на свечениот настан во МАНУ и раководител на проектот „Критичко издание на целокупните дела на Блаже Конески“, во беседата потсети и на историскиот развој на македонскиот јазик, посочувајќи дека Конески го заокружува процесот на стандардизација на македонскиот словенски јазик зачнат во 9 век во рамки на старословенскиот, а подоцна и на црковнословенскиот јазик од светите Кирил и Методиј. „Блаже Конески, следејќи ја подеднакво и историјата на јазикот, но и неговата современа употреба и структура ги поставува на врвно научно ниво нормите на македонскиот современ јазичен код“, додаде таа во говорот истакнувајќи дека денес не е доволно само свечено да го чествуваме неговото дело.
„Неопходно е да ги почитуваме научните придобивки на Конески за континуитетот на македонскиот јазик, културната и национална историја. Тие треба да бидат суверен и неотуѓив составен дел на македонскиот национален интерес. А националниот интерес е државен интерес. Ако се отстапи од јазичното, од културното и историското наследство на македонскиот народ, тогаш ќе се отстапи од сувереноста на македонската држава, ќе се поткопаат нејзините темели, а последиците можат да бидат трагични и неповратни. Затоа го чествуваме, но и да го одбраниме нашето цивилизациско и национално право на историско, јазично, културно, црковно-уметничко и научно наследство. Кој го цени Конески, треба да ги цени придобивките од неговото огромно дело кое заокружува една самосвесна вековна, културна, јазична и национална нишка. Нема друг избор!“, додава академик Ќулавкова во својот говор.
Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев на свеченоста, пак, истакна дека за поетот, прозаистот, есеистот, лингвистот, филологот, книжевниот историчар и книжевен критичар Блаже Конески се кажани, изречени и напишани толку беседи, слова и текстови што секој обид за ново видување и толкување на неговото уметничко и научно творештво претставува вистински предизвик. „Со сè што се зафати и до сè што допре и во науката и во поезијата, Конески се нурна најдлабоко поради што не зачудува и неговата биографија која сведочи за тоа дека ‘неговата појава го минерализира мекото ткиво на македонската култура, а тој претставува `рбетот на националниот културен развој’. Неговото научно, лингвистичко, литературно, историско и поетско дело претставува исклучителен духовен подвиг кој за Mакедонијa ‘и беше и остана најтемелниот и најтрајниот духовен постамент, зошто ја овенча неа со свои фундаментални лингвистички откритија, со своите длабоки толкувања на нашето милениумско културно и општо духовно траење со трансисториската смисла и сила на својот поетски опит во кој сите се откривме, се сфативме и се пронајдовме самите себе си’“.
Свое обраќање на настанот имаше и ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски. За него чествувањето на великанот Блаже Конески е чествување на кодот на нашата држава и нација, кодот на нашиот бит и нашиот идентитет… „Дај Боже на секои 100 години да ни се раѓа по еден Блаже Конески. Во оваа пригода чинам не може а да не се потсетиме на овие зборови на Петре М. Андреевски, кој од декември 1993 година наваму често си ги повторуваме. Но, еве минаа точно 100 години од раѓањето на великанот и доблесно е сите да се запрашаме: ‘Се роди ли нов Конески?’. За љубов на вистината мора да признаеме – одговорот на ова прашање не е потврден. По заминувањето на човекот кој одбележа цела една епоха на современата македонската култура и наука сè уште не се пројави друг придвижник, научник и творец со толку темелно и волуменозно научно и уметничко дело. Сè уште нема друг којшто има остварено толкав влог во македонската наука, култура и уметност, а со тоа и влог во македонската држава колкав што оствари Конески“, истакна проф. д-р Јанкуловски.
Омаж за Конески во МАНУ имаа и академиците Зузана Тополињска и Влада Урошевиќ. Во вториот дел од свеченоста, пак, беше претставено уметничкото и научното дело на Блаже Конески во контекст на критичкото издание на неговите целокупни дела на МАНУ. Станува збор за 12 тома со целокупните дела на Конески, кои ги претставија професорите: Венко Андоновски, Наташа Аврамовска, Иван Џепароски, Анастасија Ѓурчинова, Красимира Илиевска, Марјан Марковиќ, Веселинка Лаброска, Људмил Спасов, Лилјана Макаријоска и Станислава-Сташа Тофоска. Промовирана беше и веб-страницата со дигиталните изданија на објавените томови од „Критичкото издание на целокупните дела на Блаже Конески“, којашто ја подготви Истражувачкиот центар за ареална лингвистика при МАНУ. Дигиталните изданија на делата на Блаже Конески можат да се најдат на: http://koneski.manu.edu.mk/
На свечениот собир, којшто се одржа во рамки на одбележувањето на Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ по повод 100-годишнината од неговото раѓање, покрај академик Ќулавкова која беше отсутна поради ковид-19, своето присуство го откажа претседателот на државата Стево Пендаровски, иако беше најавено да се обрати. (Н.И.Т.)
Comments