Спомен-куќата на Татарчеви
22.07.2024 Juli Ponedelnik
Автентичната градбата беше урната во 2004 година, но во мај 2014 година македонското министерство за култура го најави градењето на сегашната спомен-куќа. Надлежен за изградбата бил Заводот и музеј во Битола, а на 4 април 2016 година беше свечено отворена новата градба.Музејот има свилени експонати, кои се помал дел од над 70 архивски материјали. Некои од материјалите се оригинали стари повеќе од еден век, а има и фотокопии на хартија. Има факсимили од Татарчев, писма, разгледници, телеграми. Меѓу нив е и првата страница од докторската дисертација на Христо Татарчев и неговиот животопис, кој бил објавен на последната страница од трудот. Изложени се и дописни картички што ги праќал до своето семејство од Торино, Италија. Зачувана е и изворната заклетва на Организацијата. Таму се сместени восочни фигури од осум револуционери: Христо Татарчев, Дамјан Груев, Анастас Лозанчев, Атанас Мурџев, Георги Пешков, Трајко Китанчев, Андреј Љапчев и Симеон Радев.Христо Татарчев е роден на 16 декември 1869 година во неговата семејна куќа, а во ова здание на 15 август 1894 година се одржало и познатото Ресенско советување на Македонската револуционерна организација. Како повод за советувањето било искористено осветувањето на новоизградената црква „Св. Кирил и Методиј“. Советувањето започнало во куќата на Татарчеви и траело три дена. На него присуствувале претседателот на МРО, Христо Татарчев, секретарот Дамјан Груев, Атанас Лозанчев, Георги Пешков, Григор Попев, Трајко Доревски, Александар Хаџи Панов, Славејко Стрезов, Александар Чакаров, Атанас Мурџев и Тодор Станков.
Фото: Resnjari.
Ова советување требало да има регионален карактер и донесените одлуки требало да се однесуваат само за Битолскиот револуционерен округ, меѓутоа тие се однесувале за целата Организација. За овој настан Христо Татарчев во своите спомени наведува дека на ова советување биле донесени следните одлуки: „1) Територијата на Македонија да се подели на револуционерни реони, на чело со авторитетни лица; 2) Материјални средства да не се собираат само од членовите туку и од симпатизерите на делото; 3) Во црковно-просветните институции да се привлечат што поголем број симпатизери на делото; 4) Засилување на пропагандата со печатење месни весници и ширење револуционерна литература“.Советувањето претставувало силен импулс за понатамошната револуционерна дејност, биле потврдени старите принципи, односно Организацијата ја продолжила борбата за контрола на црковно-училишните општини. Новина претставувала поделбата на Македонија на револуционерни реони, меѓутоа поради недостиг од изворна документација не се знае како оваа одлука е спроведена во пракса, но по советувањето како револуционерни центри се одвоиле Солун, Битола и Штип. Д.Ст.
Христо ТатарчевКој е Христо Татарчев?
Д-р Христо Татарчев е македонски лекар, еден од основачите на Македонската револуционерна организација и прв претседател на Централниот комитет. Тој завршил гимназија во Пловдив, а медицина во Цирих и Берлин. Во 1901 година бил уапсен и заточен во Бодрум Кале. По амнестирањето бил член на задграничното претставништво на ЦК на МРО. Бил и еден од основачите на Македонската федеративна организација. Поради отворените закани од ВМРО на Тодор Александров бил принуден да емигрира во Италија. Автор е на статии и публикации за македонското прашање.Во една своја публикација од 1933 година, Христо Татарчев истакнал: „Народ што го истрпи петвековното ропство; кој се ослободи од фенерскиот духовен гнет; кој ја разурна Турската Империја со своите епски подвизи и борби, не може да се откаже од својата историја и култура, како и од своето право на суштествување како нација. Македонскиот народ, кој четири децении се бори со извонредна посветеност, по никаква цена не може да ја направи таа жртва“.
Comments