Специјална награда за „Преекспонирано“ на фестивал во Италија
Македонскиот филм „Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова доби специјална награда на „КинЕст Фест“ во Катанија, Италија.
Како што посочуваат од продукцијата „ДНФ Филмс“, меѓународното жири на фестивалот го означил филмот како „интелигентна и актуелна камерна претстава“, додавајќи дека ја доделиле специјалната награда поради „режисерското мајсторство на држење на тензијата во куќата помеѓу трите лика“.
Ова е трето издание на фестивалот „КинЕст Фест“, кој го организира фондацијата „Долина Миру“ и е посветена на прославување на кинематографијата на Источна и Централна Европа. Фестивалот се одржува во сицилијанскиот град Катанија и трае речиси цел месец.
„Преекспонирано“, жанровски драма, ја прикажува приказната на една брачна двојка која престојува во својата викенд-куќа во Охрид, кога нивниот мир и брачна идила е нарушена од доаѓањето на тинејџерка којашто е ќерка на нивни блиски пријатели. Улогите во филмот ги толкуваат: Камка Тоциновски, Благој Веселинов и Сара Климоска.
Својата светска премиера филмот ја имаше на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, кој се одржа лани во ноември. Азиската премиера, пак, се одржа на Меѓународниот филмски фестивал во Пуне, Индија од 2 до 9 февруари оваа година. Филмот се прикажа и на фестивалот „Евроазја“ во Варшава, а имаше и успешна домашна турнеја.
Кинематографер на „Преекспонирано“ е Лев Предан Коварски од Словенија, композитор на оригиналната музика е Линдзи Рајт од Велика Британија, сценографијата е на Срѓан Митровиќ, монтажер е Гоце Кралевски, костимограф Жаклина Крстевска, монтажер на звук – Дарко Спасовски, мејк-ап артист Горан Игњатовски, продуцент Гоце Кралевски (ДНФ Филмс), а копродуцент Мирјана Томиќ (Лилит-Србија). Филмот е поддржан од македонската Агенција за филм, Српскиот филмски центар и Еуримаж.
„Преекспонирано“ сѐ уште се наоѓа на репертоарот на киното „Милениум“ во Скопје.
Comments