Спалети: Прашајте што им порачав на играчите на првиот состанок пред стартот на сезоната
Аурелио Де Лаурентис испрати шампионска порака од „Диего Армандо Марадона“ и порача дека ова е само почеток на успесите кои ќе ги има Наполи, тим кој верува дека може да се бори и за титулата во Лигата на шампионите.
После првата титула во Серија А после 33 години, газдата на Наполи посочи дека следна мета треба да биде најпрестижниот трофеј во Европа, откако претходно цела сезона уверуваше дека Спалети крои шампионски тим во Италија.
На крајот тоа се исполни и сите во Неапол почнаа да го слават големиот успех, кој дефинитивно изгледаше незамисливо пред само една година кога постоеше криза во тимот и навивачите жестоко ги свиркаа фудбалерите по мечот со Емполи.
– Кога пристигна во Наполи, ви кажав на сите вас дека можеме да се бориме за Скудетото. Минатата сезона, имаше моменти кога бевме дел од трката и јас велев дека можеме да успееме. Вие ми велевте дека претерувам, дека создавам притисок врз тимот. Сега ми велите дека не сум верувал во титулата како Де Лаурентис, кој уште на стартот нагласи дека можеме да одиме до крај. Сега вели дека ја сака титулата во Лигата на шампионите, лесно е да се каже тоа, но тешко се остварува.
– Прашајте ги играчите што им порачав на првиот состанок оваа сезона, слободно прашајте ги. Завршувањето втор или трет немаше да направи разлика од минатата сезона, им го порачав тоа. По мечот со Емполи, бевме силно критикувани минатата сезона, дојдоа да не критикуваат и пред хотелот. Имавме само еден начин да го избегнеме повторно тоа, а тоа е да победиме. Јас од стартот им велев на играчите дека можеме да бидеме на врвот, иако никој не верувраше дека ќе бидеме и во топ четири, – вели Спалети кој ја освои првата титула во Серија А во својата кариера.
Comments