СП 2022 последно за некои фудбалски ѕвезди?
СП 2022 последно за некои фудбалски ѕвезди?
Светското првенство (СП) во Катар годинава можеби ќе биде последно за некои од најголемите фудбалери на денешнината, како Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Лука Модриќ и други, кои се во поодминати спортски години. Во потесниот круг мегаиграчи за кои СП 2022 може биде последно се тројца добитници на наградата „златна топка“ за фудбалер на годината. Аргентинската икона Меси се смета за еден од најдобрите фудбалери во историјата. Претстојниот Мундијал може да му биде последен, затоа што ќе наполни 35 години пред почетокот на турнирот, иако теоретски би можел да ја продолжи репрезентативната кариера по повеќе од 160-те настапи и 80-те гола за својата земја, од кои шест, плус пет асистенции на 19 меча на СП. Кристијано Роналдо има седум гола и две асистенции на 17-те настапи за Португалија на СП, каде што најдобар пласман му е полуфиналето во 2006 година. Фудбалерот на Манчестер јунајтед е рекордер со 115 гола на 186 натпревари и посакува на титулата од Европското првенство (ЕП) во 2016 година да ѝ ја додаде и титулата од СП. Роналдо ќе има 41 година на следниот мундијал, во летото во 2026 година. Модриќ (36), легендата на Реал Мадрид и на Хрватска, е третиот добитник на „златната топка“ на оваа листа. Тој ја одведе својата репрезентација во финалето на СП 2018. Ветеранот од средниот ред со 148 меча за Хрватска дебитира во 2006 година и ќе се обиде да ги повтори игрите од 2018-та.
Карим Бензема, без сомнение, еден од најдобрите напаѓачи во својата генерација, минатата година повторно се врати во репрезентацијата на Франција, по петгодишно отсуство. Иконата на Реал Мадрид постигна девет гола на 13 натпревари лани. До крајот на СП ќе има 35 години. Серхио Бускетс дебитира во репрезентацијата на Шпанија по ЕП 2008, а потоа стана главен столб во тимот и ги освои СП 2010 и ЕП 2012. Оттогаш тој забележа 133 настапи за својата земја, а беше главен и во тимот на Барселона. Тој ќе има 34 години и доколку Шпанија повторно стане светски шампион, речиси сигурно ќе ја заврши репрезентативната кариера на највисоко ниво. Тиаго Силва и понатаму е еден од најдобрите централни дефанзивци на планетата, кој му помогна на Челси да триумфира во Лигата на шампионите лани, но бразилската ѕвезда ќе има 38 години кога ќе почне СП 2022. Тој има над 100 натпревари за Бразил од дебито во 2008 година, а триумфира на Копа Америка во 2019 година. Мануел Ноер е на голот на Баерн и на Германија повеќе од една деценија, притоа освојувајќи девет титули во Бундес-лигата и една на СП 2014. Тој има 109 настапи за својата земја и, иако сега има 36 години, постои можност да се појави и на следниот турнир, во 2026 година. На оваа листа е и Уругваецот Луис Суарез (35), кој постигна 68 гола на 132 меча за својата земја, од дебито во 2007 година. Поранешниот играч на Ливерпул и на Барселона, сега на Атлетико, посакува да се повтори СП 2010, кога Уругвај играше во полуфиналето.
Comments