Соработка на Театрите од Куманово и Плевен со претстави и размена на актери
Во Центарот за култура „Трајко Прокпиев“ – Куманово, на 31 мај, од 20 часот гостува Драматично – куклениот театар „Иван Радоев“ од град Плевен, Бугарија. Тие пред кумановската публика ќе ја одиграат својата театарска претстава – дуо драма „Еден маж и една жена“.
„Еден маж и една жена“ е комедија за двајца луѓе кои ја бараат среќата и смислата на животот преку нивните заеднички задоволства. Два карактери кои постојано се во потрага по нови возбудливи нешта. Актери во претставата се: Мариета Калапова и Георги Ангелов. Влезот за претставата е слободен со подигнување на билет во Центарот за култура Куманово.
За време на гостувањето во Куманово, директорот Сашо Тодоровски заедно со директорот на театарот од Плевен, Димитар Кабаков ќе потпишат меморандум за заедничка соработка помеѓу двете институции – Театар Куманово и Театар Плевен во кој приоритет ќе имаат заедничките соработки, проекти, гостувања и можност за размена на актери кои би гостувале во заеднички претстави. Предвидено е и возвратно гостување на Театар Куманово во Плевен кон крајот на оваа или почетокот на идната година.
コメント