top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Соработка МСМЈЛК и НУБ „Св. Климент Охридски“: Публикации за македонскиот јазик со засилена меѓунаро

21.07.2022 Juli Cetvrtok

Соработка МСМЈЛК и НУБ „Св. Климент Охридски“: Публикации за македонскиот јазик со засилена меѓународна презентацијаАрхеографска граѓа, монографски публикации кои се редок библиотечен материјал – значајни за македонскиот јазик, литература и култура, средновековни ракописи и ретка периодика составена од весници и списанија преку кои во минатото се изразувала македонската национална мисла со прашања и за македонската култура, од следната академска година поопстојно ќе може да се презентираат пред странските македонисти и слависти, во соработка со странски универзитети.

Засилено ќе се соработува во промоцијата и афирмацијата на остварувањата на македонистичката научна и истражувачка мисла, вклучително и преку подготовка на библиографии. Странските македонисти, за истражувачки цели, без надоместок ќе можат да зајмуваат библиотечен материјал и да го користат библиотечниот работен простор во читалниците, во текот на нивните студиски и истражувачки престои во земјата. Ова, меѓу другото, беше договорено на работна средба меѓу директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и директорката на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ (НУБ), Јелисавета Костадинова.

„Многу е значајно што уште годинава, НУБ изразува подготвеност да се почне со подготовка на библиографија, која ќе ги опфати илјадниците трудови презентирани на Меѓународната научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, од 1973 година наваму и како заедничко издание, пред домашната и странската јавност да ја претставиме во текот на следната година, кога ќе одбележиме половина век одржување на овој меѓународен научен настан посветен на македонистиката. Оваа библиографија ќе биде важен показател на меѓународниот научен интерес за македонскиот јазик, литература и култура во децениите наназад, опфаќајќи голем број трудови на врвни странски слависти и македонисти. Верувам дека ова ќе биде само еден од бројните заеднички проекти, меѓу кои особено значајни ќе бидат и оние во кои културното наследство што го чува НУБ ќе се презентира на странски образовни и научни центри, со што дополнително ќе се поттикнат и нови истражувања на странските истражувачи и научници коишто се интересираат за македонистиката“, истакна Мојсова-Чепишевска.

Таа и нагласи дека воопшто соработката со НУБ, како институција којашто е еден од трезорите на нашата научна мисла и на нашата книжевност, но и на повеќе сегменти на севкупната македонска култура ќе биде значајна во остварувањето на натамошните програмски активности со коишто ќе се зголемува опфатот на материјали, информации и настани како за лекторатите по македонски јазик, така и за другите образовни и научни центри на коишто се изучува македонистиката.

Директорката на НУБ, Костадинова, напомена дека со планираните заеднички активности со МСМЈЛК ќе се засили и остварувањето на определбата на НУБ за промовирање и афирмирање на културното наследство коешто е во нејзина надлежност, но и за остварување на влогот со библиотечните истражувања на НУБ.



1 view

Comments


bottom of page