Сопругот на убиената снимателка лут дека Болдвин не презеде никаква вина
Сопругот на камерманката Халина Хачинс изјави дека бил многу лут што актерот/продуцент Алек Болдвин негира одговорност за нејзината смрт откако ја застрела во текoт на снимање на вестернот Rust. Во своето прво интервју откако поднесе тужба против Болдвин и дваесетина други луѓе минатата недела, Метју Хачинс беше прашан дали го гледал декемвриското интервју на Болдвин за „Еј-би-си њус“ во кое тој, како актер и како продуцент на филмот, тврдеше дека не е одговорен за смртта на Халина. „Бев многу лут кога видов како зборува за нејзината смрт толку јавно, на толку детален начин, а потоа не прифати никаква одговорност откако штотуку опиша како ја убил“, вели Метју Хачинс во снимка емитувана во средата од интервју на програмата „Тудеј“. Адвокатот на Болдвин не беше веднаш достапен за коментар. Халина Хачинс беше убиена во октомври 2021 година кога пиштолот со кој Болдвин вежбал вадење од футрола во пауза од снимање во Ново Мексико, испука вистински куршум што заврши во нејзиното тело. Помошникот режисер Џоел Соуза, кој стоел зад неа, беше повреден во фаталниот инцидент. Сопругот на Халина минатата недела поднесе тужба против Болдвин и другите продуценти, тврдејќи дека ги занемариле стандардните индустриски практики што имаат за цел да осигураат безбедност на филмските сетови. Како одговор на тужбата, адвокатот на Болдвин рече дека тој целосно им верувал на оружарот, односно лицето задолжено за реквизитно оружје, на одделот за реквизити и на помошниците режисери дека пиштолот е безбеден за употреба.
Comments