„Сонцето, колку е блиску сонцето “: Со три премиери на сценскиот спектакл МНТ ќе го одбележи 80 годишниот јубилеј
- Aleksandar Santovski
- 2 days ago
- 4 min read
22.12.2025 Dekemvri Ponedelnik
Со три премиери на сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in MNT“, во режија на Дејан Пројковски, МНТ ќе одбележи 80 години постоење.
Во МНТ, денес на прес, беше претставен концептот на настанот, чија премиера е закажана за 29 декември, 15 и 16 јануари, на големата сцена на МНТ. Претставата ќе понуди аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност.
Сценскиот спектакл, според МНТ, ги обединува минатото и сегашноста на театарот преку клучните вредности како љубовта кон театарот, уметничката храброст, посветеноста, визијата, тимската работа, негувањето на традицијата и создавањето нови вредности за иднината.
Во проектот учествуваат ансамблот на Македонскиот народен театар, оперски уметници, како и студенти по актерска игра и актери од Факултетот за драмски уметности и од „Еуропа Прима“. Претставата комбинира повеќе изразни средства со посебен акцент на 3Д-видеомапингот, што, како што наведуваат од театарот, создава силно визуелно и емотивно сценско доживување.
На пресот, за уметничката визија и идејата зад проектот, кој се спремаше интензивно неколку месеци, со буџет од 700 илјади денари од Министерството за култура, плус сопствени средства на МНТ, насловен по првата реплика изговорена на сцената на МНТ, говореа директорот Никола Кимовски, режисерот Дејан Пројковски, актерот Сашко Коцев и композиторот на музиката Горан Трајкоски, наедно и негова 100-та јубилејна претстава за која компонира авторска музика. Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Марија Пупучевска, за сценските движења е задолжена Олга Панго, за ЗД Мапинг – Сергеј Светозарев… а консултант во драматуршкиот дел е писателот и универзитетски професор Венко Андоновски.
„Оваа претстава не ја реконструира историјата линеарно, туку чувствено ја артикулира нејзината суштина. Нејзина амбиција е да го допре она што е втиснато во колективната меморија на МНТ – гласовите, телата, тишините, храбрите одлуки, и луѓето на сцената и зад неа, без кои театарот не може да постои. Претстава, која низ силен визуелен и мултимедијален израз, создава мозаик од македонската драматургија, поезија, музика и ликовност, како сведоштво за театарот, кој отсекогаш бил дијалог меѓу традицијата и современото, меѓу локалното и универзалното. Фактот што во овој проект учествува моќен кретивен тим како: актерите од ансамблот на МНТ, студенти по актерска игра, актери надворешни соработници до оперски уметници и деца од драмски студија, говори за една суштинска вредност на овој театар – континуитет кој не се прекинува, туку се пренесува.
Како директор на Македонскиот народен театар, но и како човек кој длабоко верува во неговата смисловна улога, ова го доживувам, не како прослава што го затвора кругот, туку како чин на јасна одговорност: Посакувам МНТ да продолжи во истиот адреналински ритам како простор на храброст, истражување и уметничка искреност. Посакувам МНТ да не мирува и да продолжи да свети како СОНЦЕ, рече на денешниот прес, директорот Кимовски.
Режисерот Пројковски истакна дека одговорноста и возбудата се големи затоа што, рече, да се работи јубилеј на МНТ значи да се патува низ времето и на публиката да и го претстави сето она што било важно во театарот, а со тоа и во македонската култура. Насловот „Сонцето, колку е блиску сонцето“ е преземен од првата изговорена реплика на сцената на МНТ со која на 3 април 1945 почнува работата на театарот.
– Се одлучивме дека тоа е најадекватното име, зашто таа прва реплика го отвори бескрајот, го отвори универзумот наречен МНТ и таа реплика нè води низ целата претстава која е рефлексија на сè она што е МНТ. Создаваме уметнички перформанс кој повеќе се занимава со театарот и со играта како феномен, многу помалку со фактографија затоа што и не ни е тоа намерата на претставата. Се обидуваме да се присетиме дека во Македонскиот народен театар се родиле и „Буре барут“, „ММЕ кој прв почна“, „Среќна Нова ‘49“, „Кенгурски скок“, „Макавејски празници“ и голем број други култни претстави кои се дел од темелот на она што денес се нарекува современ МНТ, истакна Пројковски.
Претставата во траење од два часа и 15 минути ги опфаќа и препознатливите народни приказни и митови, пр. Силјан Штркот, елементи на античката трагедија со рефлексии на Сердарот, Болен Дојчин…, дел посветен на македонската поезија и драма, при што, рече Пројковски, дури и битовата драма и постарите драмски дела ќе прозвучат современо. Со примена на режисерски методи и преку пристапите на Брехт, Мејерхољд, Станиславски, се обидуваат, рече, да создадат современ контекст на целата драматургија.
– Најважно е што направивме претстава да биде достојна на 80-годишниот јубилеј на МНТ и на сите актери, режисери, драматурзи кои го поминале својот живот во МНТ и ние како нова генерација сме должни да ја оддадеме таа почит, рече Пројковски, кому помошник во режирањето на проектот му е Андреј Цветановски.
Во име на актерскиот ансамбл на МНТ се обрати Сашко Коцев кој истакна дека е голема чест да биде дел од овој јубилеј и, како што рече, „рамо до рамо со овие актери и на оваа сцена“, затоа што дел од нив го поттикнале да ја избере актерската професија.
-МНТ не е место кое ти припаднало, треба да ти припадне или место што си го добил. Ова е место за кое си се борел, си сонувал, си мечтаел. Таа моја мечта се оствари пред 18 години и уште трае борбата да се биде што погоре на пиедесталот, да се биде што подобар под рефлекторот и да те види публиката, изјави Коцев, додавајќи дека му недостигаат вакви проекти во кои учествува голем дел од актерскиот колектив, „организираниот хаос и самодисциплинирањето на толку многу луѓе“.
Композиторот Горан Трајковски рече дека музиката ќе биде интегрален дел од оваа театарска претстава и ќе се изведува во живо.
– Музиката се состои во два дела – претходно подготвена и музика која ќе се создава во живо како реакција на актерската игра и режисерските барања и за таа цел ангажиравме четворица музичари кои се дел од други театари или се слободни музичари, рече Трајковски.








Comments