top of page

„Сонцестој“ – трета стихозбирка на Катерина Гогова

21.10.2021 Oktomvri Cetvrtok

Деновиве, од печат излезе третата стихозбирка на Катерина Гогова, „Сонцестој“. Издавач е Книгоиздателството Ми-Ан од Скопје. Книгата содржи над педесет песни, поделени во два циклуса.

За книгата, Снежана Стојчевска ќе напише: „Пред нас имаме исклучителен поетски ракопис насловен со уникатен наслов „Сонцестој“ од Катерина Гогова. Ако првата книга „Актите се кастрирани“ е олицетворение на огнот, а втората книга „Пад во немирна вода“ олицетворение на водата, тогаш „Сонцестој“ е воздух, небо на кое сонцето изгрева и заоѓа. Нејзините стихови се во склад со природата, промената на годишните времиња и природните елементи. Сонцестој како термин се употребува во астрономијата и всушност претставува позиција на сонцето во одредени денови од годината. Зимскиот сонцестој претставува најкраткиот ден во годината, додека пак летниот сонцестој претставува најдолгиот ден во годината. Наједноставно кажано сонцестој е најкусиот и најдолгиот ден. Од тука произлегуваат поднасловите на двата дела „Темницата стои на другата страна: најдолгата ноќ“ и „Најдолгиот ден: копнеж за пол-ноќно сонце“. Сонцето како појдовна, но и централна тема во оваа книга е всушност инструмент со кој се мери течението на времето. Дуалната природа на сонцето и спрегата на спротивставени енергии што во себе ги носи се две страни на една паричка, денот и ноќта, зората и залезот, животот и смртта, црното и белото, јин и јанг итн. Веднаш може да се насети сензибилитетот на нејзината поезија, лирична, нежна, медитативна, во исконски склад со природата, длабока, искрена и свежа.“

Катерина Гогова е родена 1989 година во Дојран. Пишува поезија и кратка проза. Нејзината дебитантска поетска збирка во издание на „Современост“ од 2018 година носи наслов „Актите се кастрирани“. „Пад во немирна вода“ е нејзината втора поетска книга и со неа станува десеттиот носител на признанието „Бели мугри“ за 2018 година кое го доделува Дом на културата “Кочо Рацин“ во Скопје. Дел од нејзината поезија е преведена на српски, хрватски, словенечки, бугарски, албански, италијански, германски и англиски. Работи препеви поезија од српски, хрватски и англиски на македонски јазик.



 
 
 

Commenti


bottom of page