top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Солзите на Ѓоковиќ го обиколија светот

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ не успеа да го комплетира календарскиот гранслем, откако синоќа загуби од Данил Медведев (4-6, 4-6 и 4-6 по сетови) во финалето на САД опен. Ѓоковиќ во солзи го заврши мечот, емоциите го преплавија на доделувањето на трофеите, а во солзи ја напуштил прес-конференцијата одржана по мечот.

– Чувствувам олеснување… Притисокот и очекувањата беа огромни, пред и за време на овој турнир. Се трудев да останам во моментот, да се концентрирам на наредниот чекор, сепак, целиот тој процес е исцрпувачки. Чувствувам тага и разочарување, испуштив голема шанса. Не е лесно да се поднесе ваков пораз. Од друга страна, енергија, љубовта и поддршката која ја добив од публиката е нешто што засекогаш ќе го паметам. Навистина ми го исполнија срцето со емоции. Заплакав пред последниот гем, бидејќи емоцијата беше единствена. Никогаш, тука во Њујорк не сум доживеал нешто такво. Ми се собра сѐ она низ што поминував тука во претходните години, во големите мечеви… Чувствувам дека не заслужив третман каков што често добивав. Крајот не е совршен, но морам да бидам задоволен поради сѐ што направив. Ова е успешна година со три гранслем титули и едно финале. Секако дека поразот ме боли, човек сум, имам емоции, но секогаш се потсетувам себеси колкава среќа има во животот – бог и ангелите ме поддржуваа низ годините, вечно сум им благодарен – истакна српскиот тенисер.

Тој порача и дека во 35-та година од животот има простор за напредок во неговата игра и оти е свесен за заканата која доаѓа од младите играчи.

– Мора да се напредува. Без тренинг, на теренот и надвор од него нема резултати. Како времето одминува, на нас постарите ни е потешко да останеме на врвот и да бидеме кандидати за освојување на гранслемови. Свесен сум за ова, но тоа не ме загрижува, тоа е природен циклус. Не чувствувам дека сум стар и дека сум истрошен. Секако, животот е поинаков, бидејќи сум сопруг и татко. Кога ќе се погледне целата слика имам други приоритети. Би сакал повеќе време да поминувам со моите деца, тоа си го ветив…Отсуството ме боли… се извинувам – порачал Ѓоковиќ, по што повторно се расплакал и ја напуштил салата за прес-конференции.

Ѓоковиќ останува со 20 освоени гранслем-трофеи, колку што имаат и неговите најголеми ривали Роже Федерер и Рафаел Надал.

Медведев: Новак, за мене си најдобриот тенисер во историјата

По завршувањето на финалето, пред да му биде доделен пехарот од САД опен, Данил Медведев, рече дека за него, Новак Ѓоковиќ е најдобриот тенисер во историјата.

– Првпат сум толку нервозен на ваква церемонија. Извинете навивачи, извини Новак, сите знаеме што бркаше денес. За мене ти си најдобриот тенисер во историјата. Не беше лесно да се дојде до титулата. Ви благодарам што ми помогнавте на тој пат. Рабирам зошто навивавте за Новак. Само легендите можат да разберат што успеав да направам – рече Медведев.

По Евгениј Кавелников и Марат Сафин, Медведев е третиот Рус со освоен гранслем-трофеј.





2 views

Comments


bottom of page