„Современа скулптура“: Престижната награда „Боро Митриќески“ за уметникот Сашо Саздовски
„За Друштвото на ликовни уметници оваа изложба е многу значајна бидејќи имаме директна комуникација со еден од најзначајните македонски скулптори Боро Митриќески. Наградата „Боро Митриќески“ е парична и сметам дека ова треба да биде пример и за другите субјекти во државата и за семејствата на ликовните дејци, да ни се придружат со цел на идните генерации да продолжиме да им ја раскажуваме приказната и мисијата на уметникот за вистинските ликовни вредности“, посочи Јана Манева-Чупоска, претседателката на Друштвото на ликовни уметници на Македонија по повод изложбата „Современа скулптура“, која за јавноста ќе биде отворена до 1 април во „Арт Хаб“ во Скопје
Изложбата „Современа скулптура“, која од завчеравечер е отворена во Уметничкиот центар „Арт Хаб“, во Скопје, и годинава предизвика големо внимание кај љубителите на уметноста. Пред јавноста со 22 дела се претставија 19 македонски автори, кои со своите скулптури уште еднаш ги одушевија присутните на овој традиционален настан во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Според претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска, во конкуренција на овие исклучително квалитетни уметнички дела, престижната награда „Боро Митриќески“, годинава ја доби уметникот Сашо Саздовски.
„За Друштвото на ликовни уметници оваа изложба е многу значајна бидејќи имаме директна комуникација со еден од најзначајните македонски скулптори Боро Митриќески. Секако, и со неговото семејство, кое ни ја укажа честа да креираме награда со име и презиме на овој апсолутно важен автор за македонската скулпторска сцена. Наградата е парична и сметам дека ова треба да биде пример и за другите субјекти во државата и семејствата на ликовните дејци, да ни се придружат со цел на идните генерации да продолжиме да им ја раскажуваме приказната и мисијата на уметникот за вистинските ликовни вредности, а ова е извонреден пример како ова треба да функционира“, посочи Манева-Чупоска. Таа додава дека наградата е поттик и мотивација за наградените, но и за новите генерации на младите уметници да продолжат и понатаму со нивното изразување. .
Инаку, скулптурата на Саздовски претставува комбинација на мермер, гранит и 3Д-принт, а насловена е “Еквилибриум синергија“.
Уметникот на отворањето на изложбата ја истакна почитта кон уметникот Боро Митриќески и посочи дека иако се различни во скулпторскиот израз, за него оваа награда претставува чест и предизвик.
Оваа изложба, како што велат од ДЛУМ, е дел од програмските активности, (втора годинава по „Поместени граници“), и е можност за групно претставување на поновите истражувања и идеи во рамки на современата скулптура.
„Уметниците истражуваат и експериментираат низ формата и изразот, а нивните креативни авантури се материјализираат преку финалниот облик на идејата. Низ делата се забележува класична употреба на материјали во процесот на лиење (бронза, алуминиум), обликување на метал (инокс), комбинирани техники во метал, жица, обработка на мермер и дрво, но и бетон, пластика, текстил, готови предмети, еколошки пристап на рециклирање и други материјали.
Во рамките на изложбата се претставени делата на Гордана Петрова, Димитар Филиповски, Нела Јанковска, Стефан Јакимовски, Слободан Милошески, Стефан Анчевски, Озбет Ајваз, Марјана Костојчиновска Узунчева, Златко Бојковски, Анѓел Димовски Чауш, Тања Миљоска, Душан Ѓоргиевски, Ненад Тонкин, Синиша Новески, Сашо Саздовски, Маја Танева и Никола Смилков.
Во чест на наградата „Боро Митриќески”, поставено е и дело на доајенот на современата скулптура, Боро Митриќески, како и дело на керамичарот Боро Новаковски.
Изложбата ќе може да се проследи до 1 април, во работно време на галеријата од 11-18 часот. (Д.Т.)
Comentários