Со џезерска поезија официјално беше отворен „Скопскиот поетски фестивал“
Скопската публика синоќа имаше можност да ужива во поезија и џез на официјалното отворање на второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“, кое се одржува во Младинскиот културен центар, во киното „Фросина“.
Поетското читање беше тематско „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“ на кое во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол од „Летечки пекинезери“ настапија Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и младата Марија Велинова.
Вечерва во Младинскиот културен центар (кино „Фросина“), со почеток во 19 часот, ќе се одржи интернационалната поетска вечер на која ќе настапат Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија и Сергеј Тимофеев од Латвија, а вечерта ќе заврши со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј.
Comments