top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Со џез и поезија вечерва официјално ќе биде отворен „Скопскиот поетски фестивал“

Скопската публика вечерва ќе може да ужива во поезија и џез на официјалното отворање на второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“, што ќе се одржи во Младинскиот културен центар, во киното „Фросина“, со почеток во 20 часот.

Се работи за тематско поетско читање „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“ на кое во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол од „Летечки пекинезери“ ќе настапат Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и младата Марија Велинова.

Фото: Скопски поетски фестивал

Велинова синоќа беше избрана од тринаесетмината млади поети на возраст од 16 до 25 години што читаа на настанот „Отскочна даска“ во кафе-книжарницата „Буква“.

Во „Буква“ беше отворена и ликовната изложба на колажи за Скопје од Валентина Бакти (Србија) ‒ „Сум страдал, ама убаво ми било“, што посетителите ќе можат да ја видат за времетраењето на фестивалот, односно, до 1 септември.

Фестивалот ќе продолжи и следните два дена. Утре, во Младинскиот културен центар (кино „Фросина“), со почеток во 19 часот, ќе се одржи интернационалната поетска вечер на која ќе настапат Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија и Сергеј Тимофеев од Латвија, а вечерта ќе заврши со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј.

Фото: Скопски поетски фестивал

На 1 септември во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 18 часот, на темата „Урбана поезија“ ќе се одржи работилница за креативно пишување поезија за млади на која ќе говорат дел од поетите што учествуваат на читањата.

Фото: Скопски поетски фестивал

На истата локација од 21 часот ќе се одржи „Стиховно мапирање на Скопје“ ‒ видеопроекција на 12 поетски филмови изработени од Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Диме Данов и Валентина Бакти (Србија), врз основа на песни за Скопје од поетите: Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади.

Дизајнот на официјалниот постер за второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“ е дело на Андреј Павлов.

Фото: Скопски поетски фестивал

Фестивалот е поддржан од Град Скопје, од Младинскиот културен центар ‒ Скопје, од кафе-книжарница „Буква“ и винарница „Стоби“. Медиумски покровител е „Нова Македонија“, а „Култура бета“ е медиумски партнер.






1 view

Kommentarer


bottom of page