Со ја брани светската титула во Фишеров шах
МУНДИЈАЛ ВО РЕЈКЈАВИК
Узбекистанскиот велемајстор Нодирбек Абдусаторов, најмладиот учесник во Рејкјавик, стана првиот играч што обезбеди место во полуфиналето на второто Светско првенство (СП) во Фишеров шах, во организација на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), на кое играат осум шахисти, поделени во две групи. Првите двајца од секоја група одат во нокаут-фазата. Фишеров или случаен шах е форма на шах измислен од поранешниот американски светски шаховски шампион Боби Фишер, во кој почетните позиции на клучните фигури се ставаат по случаен избор од страна на компјутер, на тој начин принудувајќи ги играчите да ги напуштат веќе познатите отворања или оние што ги подготвиле од порано. Овој шах се нарекува и Шах 960, поради 960-те можни распореди на фигурите од првиот ред. Првото официјално СП во организација на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) се играше во 2019 година, а победник беше Весли Со (САД). За проучување на позицијата учесниците на СП имаат по 15 минути пред да почнат дуелите. Во групната фаза од по две партии секој ривал добива два поена за победа и по еден поен за нерешено. Наградниот фонд е 400.000 долари, а победникот ќе добие 150.000 долари. СП во Фишеров шах се одржува во Рејкјавик (Исланд) до недела. Настапуваат Весли Со, Јан Непомнијашчи, Нодирбек Абдусаторов и Хјорвар Штаин Гратарсон во групата А, а во групата Б се Магнус Карлсен, Хикару Накамура, Владимир Федосеев и Матијас Блубаум. Абдусаторов има совршен резултат од 7,5 поени од осум партии, откако ги победи најсилните конкуренти од групата, Американецот Со и Русинот Непомнијашчи, како и аутсајдерот Гретарсон од Исланд. Со и Непомнијашчи играа еден против друг на вториот ден, кога одигра четири натпревари со две различни стартни позиции. Непомнијашчи победи во мечот против бранителот на титулата, бидејќи победи во три партии и загуби еден поен за да влезе во последните два мини-дуела на второто место, со два бода повеќе од Со. Во групата Б, актуелниот светски првак во стандарден шах, Норвежанецот Карлсен има 5,5 поени, половина поен повеќе од Американецот Накамура, и еден повеќе од Русинот Федосеев. Германецот Блубаум засега има 1,5 поен. Карлсен во третото коло го победи аутсајдерот Блубаум со 3,5-0,5, а Федосеев и Накамура ремизираа. Вчера се играше последното четврто коло по групи, по што следува слободен ден, утре е полуфиналето, а в недела финалето. Контролата на времето е 25 минути по играч за првите 30 потези, по што секој шахист ќе добие дополнителни пет минути и зголемување од пет секунди по потег, почнувајќи од 31-от. Табела по 4. коло, група А: Абдусаторов 7,5, Непомнијашчи 5, Со 5, Гретарсон 0,5 поени. Група Б: Карлсен 5,5, Накамура 5, Федосеев 4, Блубаум 1,5, поен. Г.И.
Comments