top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Со целовечерен концерт во Велес, „Танец“ се врати на сцена по пандемиската пауза

Со бурни аплаузи и желба за точка повеќе, велешани ги испратија солистите, хорот и оркестарот на ансамблот „Танец“ од сцената на Центарот за култура „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, каде музичарите, по едногодишната пандемиска пауза, се вратија пред македонската публика во рамки на 58. меѓународна поетска манифестација „Рацинови средби“.

Ова е воедно и почеток на новата сезона на националниот ансамбл, симболично наречена „Враќање“, во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, но и во духот на почнување на новиот сценски живот по долгата глобална здравствена криза што се одрази на уметноста во целиот свет.

Со овој концерт, „Танец“ ја почнува првата серија летни концерти, со кои ќе и се претстави на домашната публика низ повеќе градови. Првите пет концерти се со вокално-инструментален карактер во, согласност со важечите епидемиолошки протоколи, со надеж дека во јули, ансамблот ќе може да блесне во полн сјај, со учество и на играорниот кор, во своите раскошни кореографски постановки. Покрај концертот во Велес, кој се одржа во петокот на 11 јуни, „Танец“ во соработка со центрите за култура, ќе одржи концерти во Прилеп (17 јуни), Македонска Каменица (24 јуни) и Кавадарци (1 јули), а потоа ќе настапи и во главниот град, на фестивалот „Скопско лето“ (16 јули). Концертите се предвидени да се одржуваат на отворено, но заради нестабилните временски услови, како алтернатива се резервирани и затворените концертни подиуми.

Она што уметниците го очекуваат со особено нетрпение се трите големи музичко-сценски спектакли од втората серија летни концерти на ансамблот наречена „Танец под ѕвездите“, кога на големите сцени во Струмица, Охрид и Битола ќе се претстави со својот полн состав, заедно со играорниот кор. Концертот во Струмица ќе се одржи на 23 јули на плоштадот пред Центарот за култура „Антон Панов“, додека концертите во Охрид (на 26 јули во рамките на „Охридско лето“, кој е од хуманитарен карактер) и Битола (28 јули во рамките на манифестацијата „Илинденски денови“) ќе се одржат во прекрасните амбиенти на античките театри, заедно со Националниот ансамбл за хрватски народни песни и игри „Ладо“.

„Танец“ имаше заеднички концерт со српскиот државен ансамбл „Коло“ во јубилејната сезона во 2019 година, а оваа пракса за заемно концертирање со сродните ансамбли од регионот ќе продолжи и натаму. Во есенскиот и зимскиот период од оваа сезона, „Танец“ планира и многу други концертни и промотивни активности на затворено, но заради немањето своја концертна сала, истите ќе бидат најавени и реализирани согласно со развојот на здравствената состојба во земјата и во согласност со расположливите термини и услови во постоечките концертни објекти кај нас.



0 views

Commentaires


bottom of page