Со филмови од фестивалот „Вечери на женски права“ стартува летното кино на Кинотека
- Aleksandar Santovski
- May 13, 2021
- 2 min read
Со проекција на документарниот филм „Форте“ (Forte) од програмата на фестивалот „Вечери на женски права“ на режисерот Дејвид Донели на 14 мај, со почеток во 20:30 часот започнува со работа летното кино под отворено небо „Мирно лето“ – во дворот на Кинотеката.
Во рамките на фестивалот „Вечери на женски права“ ќе бидат прикажани и документарните филмови: „Денот на жената“ (Women's Day) на Долја Гавански и „Тоа е тинејџерски свет – вмрежени за секс, лаги и игри на моќ“ (It’s a Teen’s World – Wired for Sex, Lies and Power Trips) на Лин Глазиер.
Програмата на летното кино продолжува со традиционалната Недела на италијански филм која за тема ја има емиграцијата, а ќе бидат прикажани седум филмски наслови: „Леб и чоколадо“ (Pane e cioccolata, 1974) на Франко Брусати; „Новиот свет“ (Nuovo mondo, 2006) на Емануеле Криалезе; „Да ви се претставам? Роко Папалео (Permette? Rocco Papaleo, 1971) на Еторе Скола (Ettore Scola); „Добредојдовте на југ“ (Benvenuti al sud, 2010) на Лука Миниеро; „Сако и Ванцети“ (Sacco e Vanzetti, 1971) на Џулијано Монталдо; „Убав, чесен емигрант во Австралија би се оженил со чесна сограѓанка“ (Bello, onesto, emigrato in Australia sposerebbe compaesana illibata, 1971) на Луиџи Ѕампа и „Тробојката оди на гласање“ (Bianco, rosso e Verdone, 1981) на Карло Верзоне.
Следуваат две вечери со проекции на филмови во рамките на летното издание на Скопје филм фестивал, а на 26 мај (среда) ќе се одржи и церемонијата на доделување на годишната награда на Кинотеката „Златен објектив“.
Годинешни добитници на „Златниот објектив“ – награда на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија се режисерот Коле Манев и монтажерот Спасе Тасевски. Коле Манев (Бапчор, Костурско, Егејска Македонија, 1941) спаѓа меѓу најеминентните македонски сликари, но тој е и расен филмски и телевизиски творец. Спасе Тасевски (Скопје, 1945), пак, од 1965 година работи во РТВ Скопје, прво како асистент-монтажер, а потоа самостојно како монтажер на телевизиската програма.
Во Кинотеката кон крајот на мај ќе започне и 11. издание на Филозофскиот филмски фестивал, кој продолжува и во текот на јуни.
„Јуни, пак, е месец ‘полн како око’ со филмски наслови од Неделата на јапонскиот филм, Неделата на новиот германски филм, проекции на дигитално реставрираните македонски играни филмови ‘Мирно лето’ и ‘Фросина’, како и редица други пријатни изненадувања“, посочуваат од Кинотеката.
Како што додаваат оттаму, билетарата на Кинотека ќе биде отворена секој ден од 19:00 часот, а проекциите, кои ќе се одвиваат со целосно почитување на препораките за заштита од ковид-19, ќе започнуваат во 20:30 часот.

Comments