top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Со традиционалното палење на поетскиот оган, свечено беше отворено 62.издание на „Струшките вечери н

Со традиционалното палење на поетскиот оган, свечено беше отворено 62.издание на „Струшките вечери на поезијата“Со музички перформанс во изведба на култниот македонски музичар Џијан Емин, традиционалното палење на поетскиот оган и спектакуларен огномет вечерва свечено се отвори 62. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезија“.

Манифестацијата, која ќе трае до 28 август, годинава се одржува под мотото „Чувствотворен јазик“.

Од светската престолнина на поезијата, поетско послание испрати поетот Милован Стефановски посочувајќи дека стиховите се зраци што светат, оти песните го возвишуваат духот и сите што искрено ја сакаат поезијата неминовно ги поседуваат и врвните човекови доблести.

– А ехото на брановите, и во времето што надоаѓа, нека нè потсетува дека непроценливите вредности на нашиот струшки поетски фестивал треба со пиетет и грижливо да ги чуваме, домаќински да ги негуваме и со заеднички сили да ги надградуваме истовремено како наша гордост и како светска културна придобивка, порача Стефановски.

Споредувајќи ги Струшките вечери на поезијата како препознатлив знак за Струга, како што е Нобеловата награда за Стокхолм, Светскиот саем на книгата за Франкфурт, Филмскиот фестивал за Кан, Биеналето за Венеција…, токму Струга, нагласи, е светска поетска престолнина за светски признати мајстори на поетската реч, изговорена на многу јазици.

– И поетите, како и водите на Дрим, минуваат низ Струга и, во исто време, остануваат засекогаш приврзани со градот на Браќата Миладиновци, со градот на мостовите и улиците што сè уште чекаат да бидат именувани со имињата на светските поетски великани кои настапиле на СВП, а некои од нив, освен што овде биле пречекувани со почести, биле и наградувани и овенчани. Реката Дрим и натаму спокојно тече и засекогаш ќе го чува сеќавањето дека некогаш нејзиниот тек бил и пат на јагулите со уште поголемо значење од тоа што за Рим го имал патот Виа игнација што, исто така, минувал овде, затоа што едно е од вечниот град да патуваш до Константинопол, а сосема друго од Струга до Сарагаското Море, нагласи Стефановски.

Навраќајќи се на почетоците на создавање на фестивалот кој само за неколку години станал светска поетска манифестација, подвлече дека некогашната сентенција „Сите патишта водат во Рим“ уште кон крајот на шеесеттите години на минатиот век била пресликана во модифицираното значење дека за поетите од сите меридијани во последната недела од август „Сите патишта водат во Струга“.

Годинашен добитник на највисокото признание „Златен венец“ е македонскиот поет, писател и книжевник, академик Влада Урошевиќ. Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка меѓу две фестивалски изданија ја доби Димитар Башевски за збирката „Дни, години“, а „Мосотви на Струга“ исрскиот поет Гевин Бредли.

Дел од фестивалот ќе биде и специјалниот настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската комисија во кој културната манифестација „Струшки вечери на поезијата“ учествуваат од 2014 година.

Од изданијата на Струшките вечери, покрај „Монографијата“ за добитникот на „Златен венец“; „Зборникот“ на фестивалот, кој годинава ќе биде во проширено издание, а ќе има и електронско издание; тријазичното издание на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“; изданието на добитникот на наградата „Мостови“; во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, ќе биде издадена и Антологија за поезијата и флората „Меѓу дрвјата“, чиј приредувач е нашиот истакнат македонски поет, универзитетски професор и филозоф Иван Џепароски.

По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, во соработка со Амбасадата на Унгарија, на овогодишното издание на „Струшките вечери на поезијата“ ќе биде отворена изложба за животот и делото на овој славен унгарски поет.

Во следните фестивалски денови на „Струшките вечери на поезијата“ ќе можат да се чујат околу 25 поети од странство и 40-тина од државата.

Градот на поезијата, наредните неколку дена ќе пулсира во духот на пишаниот збор, каде повеќе од 60 поети од земјава и странство ќе читаат поезија на своите јазици.



1 view

Comments


bottom of page