Со тимска работа, победнички менталитет и желба за докажување до посакуваната цел
РАКОМЕТ – ЖРК МЕТАЛУРГ ВО ГОЛЕМ СТИЛ ГО ОСВОИ КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА
Долгорочната стратегија, макотрпната работа, посветеноста, знаењето и стекнувањето вештини на теренот секогаш даваат плод, а резултатите не може да изостанат. А токму девојките на теренот, како и стручниот штаб и раководството на ЖРК Металург, уште еднаш потврдија дека и во иднина треба сериозно да се смета на нив, наспроти сите песимистички прогнози, скептицизам и оспорување на квалитетот. Тимската работа, почитувањето, скромноста, дисциплината, борбеноста и желбата за докажување се токму квалитетите што ги красат ракометарките на ЖРК Металург, а дојдоа до полн израз кога е најпотребно – токму во Кавадарци. Сликата за паметење од спортската сала „Јасмин“, со насмеаните девојки, кои високо го креваат победничкиот пехар во домашниот куп, е најубава потврда дека само со напорни тренинзи, труд и многу пролеани капки пот на тренинзите и натпреварите се стигнува до посакуваната цел. ЖРК Металург сосема заслужено го освои Купот на Македонија, откако во финалниот натпревар, кој се одигра викендов во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци, го совлада ЖРК Ѓорче Петров, со 30-27. Претходно, пак, во полуфиналните дуели, ЖРК Металург беше подобар од ЖРК Куманово, со 25-21, додека ѓорчепетровки од ЖРК Чаир, со 32-28. Дека патот до посакуваниот трофеј не е нималку лесен, доволно говори податокот дека домашниот куп досега го освојувале само четири клуба. Младиот состав на ЖРК Металург со овој триумф, всушност, го врати посакуваниот трофеј во своите простории во Автокоманда, по 2013 година, освојувајќи го по петти пат во својата клупска историја. Но, истовремено, клубот преку овој успех покажа како изгледа победнички дух, како се гради силна кохезија во играта, силен менталитет и кога пред себе има фаворизирани екипи. Ракометарките од Автокоманда со својата игра, залагање, упорност, но и верба во своите квалитети, уште еднаш ги наполнија душата и срцата на своите навивачи, а отсјајот од големиот успех во Кавадарци, секако, ќе остави уште подлабока победничка трага, но и мотив врз ракометарките на ЖРК Металург на патот кон нови успеси и трофеи.
Најдобрата и најефикасна ракометарка на Купот Ива Младеновска го прима заслуженото признание од генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски
– Влеговме сериозни и со пристап што е победнички. Знаевме дека ако го спроведеме тоа што го трениравме, ќе успееме. Макотрпно работиме, веруваме во тоа што го работиме и еве го резултатот сега во Кавадарци. Игравме дисциплинирано на теренот и долго време во висок ритам. Секако дека не може да се игра во вакво силно темпо 60 минути, но успеавме во нашата намера и заслужено се радуваме – не го криеше своето задоволство тренерката на ЖРК Металург, Јулијана Дамчевска. На македонското поднебје постојат спортски „дијаманти“ во повеќе спортови, само е потребно да се пронајдат и добро да се изградат. А сето тоа е само показател дека се потребни уште поголема посветеност и работа со младите спортски категории. Една од нив, секако, е и 15-годишната Ива Младеновска од славеничкиот тим на ЖРК Металург. – Се надевав и верував дека можеме да ја освоиме титулата, затоа што работевме напорно во текот на целата сезона и се подготвивме добро за овој куп. Овој успех за мене претставува една награда за нашиот труд и голем поттик да се работи уште понапорно во иднина и на индивидуално и на клупско ниво. Идните планови со ЖРК Металург се да продолжиме во ваков ритам и, се надевам, да се радуваме заедно на уште многу успеси – децидна е талентираната Младеновска. А ЖРК Металург секако дека има сили за нови успеси, победи, славенички трофеи. Со сопствен концепт, цел и победничка далекосежна визија, стрпливо работи и го гради патот кон успехот. Резултатите на сето тоа станаа видливи минатиот викенд. Но, секако, има уште многу да се работи.
Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов и го предава победничкиот пехар на капитенот на ЖРК Металург, Амра Илјаз
– Горда сум што во едни лоши времиња успеавме заедно со мојот тим, по шест години, да го вратиме трофејот од машкиот куп и по девет години да го вратиме трофејот од женскиот куп во Автокоманда. За мене тоа е мотив плус и уште поголема обврска да се изборам за услови какви што заслужуваат девојките, да ги храбрам и да ги мотивирам. Кога пред финалните натпревари слушав изјави од членови на стручен штаб дека нивните клубови се на завршницата од Купот благодарение на напорна работа, а едвај неколку месеци се тим и предводник на тим, во себе чувствував револт. Макотрпна и упорна работа е таа на Јулијана Црвенковска и на Крсто Петрушевски, кои речиси деценија го растат и развиваат овој тим, често и во тешки услови, како и на храбрите девојки, со силен карактер, силна желба и победнички дух, кои успеаја да се издигнат над секојдневните проблеми и притисоци и да нѐ направат горди. Се обидувам во тој процес на растење да им помогнам и јас – задоволно вели претседателката на ЖРК Металург, Зорица Блажевска. Ако кон ова се придодаде и фактот дека минатиот месец ЖРК Металург стана шампион на Македонија во ракомет во младинска конкуренција, на завршниот турнир одигран во Куманово, задоволството за досега оствареното годинава станува уште поголемо за „сините“ од Автокоманда.
И индивидуалните признанија заминаа во Автокоманда
Младиот ракометен бисер, 15-годишната Ива Младеновска беше прогласена за најкорисна ракометарка на завршниот турнир, предводејќи го ЖРК Металург до трофејот со девет гола во финалниот меч, а еден повеќе постигна во полуфиналниот, со што наедно го доби и признанието за најефикасна ракометарка во куп-завршницата. Признанието за најдобар голман, пак, го доби членката на ЖРК Металург Амра Илјаз, која одлично ја чуваше својата мрежа.
Освојувачи на Куп на Македонија (жени)
1993 Кометал Ѓорче Петров 1994 ЖРК Вардар 1995 Кометал Ѓорче Петров 1996 Кометал Ѓорче Петров 1997 Кометал Ѓорче Петров 1998 Кометал Ѓорче Петров 1999 Кометал Ѓорче Петров 2000 Кометал Ѓорче Петров 2001 Кометал Ѓорче Петров 2002 Кометал Ѓорче Петров 2003 Кометал Ѓорче Петров 2004 Кометал Ѓорче Петров 2005 Кометал Ѓорче Петров 2006 Кометал Ѓорче Петров 2007 Кометал Ѓорче Петров 2008 Кометал Ѓорче Петров 2009 Кометал Ѓорче Петров 2010 ЖРК Металург 2011 ЖРК Металург 2012 ЖРК Металург 2013 ЖРК Металург 2014 ЖРК Вардар 2015 ЖРК Вардар 2016 ЖРК Вардар 2017 ЖРК Вардар 2018 ЖРК Вардар 2019 ЖРК Куманово 2020 не се одигра 2021 ЖРК Куманово 2022 ЖРК Металург
Comentarios