top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Со „Таленти во движење“ од Ротердам се отвора „Танц фест Скопје“

Програмата, како што велат од „Интерарт културниот центар“, е извонредно богата, а ќе бидат претставени 19 кореографи од земјава, како и од Холандија, САД, Полска, Чешка, Израел, Италија, Грција, Словачка, Романија, Шпанија и Кина. „Отворањето на фестивалот е поддржано од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, а во соработка со амбасадата на САД во Скопје, пак, на 12 април на сцената на МНТ ќе ја претстави американската „Далас Блек танцовата компанија“, со извонредно атрактивна програма…

Со претставата „Таленти во движење“ на Кодартс танцовата компанија од Ротердам, во чест на 30 години дипломатски односи, помеѓу Холандија и Македонија, на 4 април во Македонскиот народен театар стартува 19. издание на „Танц фест Скопје“. Програмата, како што велат од „Интерарт културниот центар“, е извонредно богата, а ќе бидат претставени 19 кореографи од земјава, како и од Холандија, САД, Полска, Чешка, Израел, Италија, Грција, Словачка, Романија, Шпанија и Кина.

„Многу ми е драго што по пандемијата се вративме во нормала и што повторно имаме една богата програма иако и во тој период имавме гости од странство, но и наши програми и успевавме на отворено да го реализираме фестивалот. Во принцип, има голем интерес особено од младите кои сакаат да учествуваат на фестивалот. Ми се допаѓа што покрај овие гламурозни имиња имаме и многу млади кореографи од Европа и светот, како и македонски кореографи кои со нетрпение чекаат да се појават на „Танц фест“, а нас ни е задоволство секогаш да имаме програма и со домашни дела и автори. Веќе се подготвуваме и за следно јубилејно издание“, посочува Рисима Рисимкин, уметнички директор на „Танц фест Скопје“.


Инаку, отворањето на годинешното издание е поддржано од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Фестивалот во соработка со амбасадата на САД во Скопје, пак, на 12 април на сцената на МНТ ќе ја претстави американската „Далас Блек танцовата компанија“, со извонредно атрактивна програма. Во склоп на оваа соработка ќе биде одржан и проектот „Dance communications“, работилници за млади танчари, кои ќе подготват кратка кореографија под менторство на танчарите и професорите од САД и „Скопје танцовиот театар“, а истата ќе ја изведат на 12 април на сцената на МНТ, пред настапот на компанијата од САД. На сцената на Младинскиот културен центар ќе бидат претставени современи кореографии на Јакуб Черулик од Словачка, Сандра Махвама од Романија, Гилда Цесарио од Италија, „А приори“ компанијата од Грција.

„Македонската танцова сцена ќе биде претставена со кореографиите ‘Одење и слични кореографски решенија’ на Филип Петковски, на 28 април на Малата сцена на НОБ и ‘КОД #9’ на Ивана Балабанова и Алесандро Ола, која ќе се изведе на 24 април на сцената на Кино Фросина во МКЦ. Скопје танцовиот театар на 11 април во МНТ, ќе ги претстави новите продукции ‘Место, многу посебно за неа’ на Адријана Данчевска и ‘Блокови’ на Дејан Битровски, во кои учествуваат танчарите на компанијата и студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот ‘Гоце Делчев’, посочуваат од Интерарт.

На 10 април во МКЦ ќе се изведе и новата кореографија на Бобан Русески, под наслов „Табу република“, во продукција на Скопје танцовиот театар. На 26 април на сцената на Македонскиот народен театар ќе може да се види премиерата на најновата кореографија на Рисима Рисимкин, „Лејди Магбет“, која годинава е поканета да гостува на Шекспир фринге фестивалот во Верона, Италија.

Во склоп на фестивалот ќе се одржат и „Отворената програма“ со учество на студија од Скопје и други градови од земјава. Програмата на „Танц фест Скопје“ е поддржана од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, Амбасадата на САД во Скопје, УГД, Виталија и Бовин.

Националната турнеја на “Dancing (Talking)Table”

Националната турнеја на проектот “Dancing (Talking)Table“ (Простор за разговор) започна со настап во Куманово. Проектот е организиран од Интерарт културниот центар со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје, a ја опфаќа темата за родовата еднаквост и семејното насилство и низ уметнички активизам ја подигнува свеста за овој огромен проблем во општеството.

Турнејата ќе продолжи денеска (24 март) во Штип, каде што во просториите на Мултимедијалниот центар на УГД, ќе се одржи средба и разговор со младите штипјани, а потоа во „Домот на културата Ацо Шопов“, ќе биде изведен танцовиот перформанс и ќе има проекција на филмот „Простор за разговор“.

„Простор за разговор“, своја премиера имаше на 26 ноември 2022 година во Мала станица во Скопје, и за таа цел беа создадени уметнички рефлексии на темата, преку современа танцова претстава и филм на истата тема. Во танцовиот перформанс и во филмот учествуваат танчарите на Скопје танцов театар и студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. (Д.Т.)




1 view

Comments


bottom of page