top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Со премиерата на „Госпоѓицата Јулија“ започнува „Кавадаречка културна есен“

21.10.2021 Oktomvri Cetvrtok

Со премиерата на претставата „Госпоѓицата Јулија“ работена според текст на Аугуст Стринберг, а во режија на Микица Илова, на театарот при домот на културата „Иван Мазов Климе“ закажана за вечерва во 20 часот, официјално започнува традиционалната манифестација „Кавадаречка културна есен 2021“.

– Госпоѓицата Јулија“ претставува натуралистичка драма во еден чин поделена во две сцени во која на еден болен и трауматичен начин се прикажани социјалните разлики, силно изразениот револт заради потчинетоста на луѓето кои „помалку вредат – вели режисерката Микица Илова.

Таа истакнува дека работата на претставата била голем предизвик.

– Ова е моја прва претстава за возрасни и всушност претставува магистарски труд по театарска режија во класата на професорот Дејан Пројковски. Морам да признаам дека ми беше голем предизвик за работа драмскиот текст на Стринберг „Госпоѓицата Јулија“, од причина што е инспиративен и дава слобода на имагинацијата која ја дозволува оваа професија во создавањето на големата слика на театарската сцена – вели Илова.

Премиерата која е закажана за вечерва во 20 часот ќе биде голем испит пред кавадаречката публика.

– Драмскиот текст на Стринберг е многу тежок за работа особено ако на сцената имате актери аматери а некои од нив аматери кои за прв пат застануваат на „театарските штици“. Храбро се втурнав во овој театарски проект и го сметам за мој голем успех кој ми влева поголема самодовореба и ми дава мотивација за творење и создавање не само во детскиот свет со претстави за деца, туку и дека можам да се снајдам и во светот на возрасните. Оваа претстава е огледало на неморалот, зависта и гниењето на човечката душа. Љубовниот триаголник е испреплетена мрежа од едноставни желби, верба и потреба од утеха која на своевиден начин е двигател на драмското дејство. Овој триаголник во претставата одлично го играат Саше Орешков како Жан – слугата на грофот, Анета Мишева како Кристина слугинката и негова свршеница и Викторија Чочева како госпоѓицата Јулија – ќерката на грофот. Успеав да пренесам и дел од шведската традиција преку танци и ора во кореографија на Методи Глигоров етнокореолог во домот на културата и членовите на фолклорниот ансамбл „Тиквеш“, додека за костимите се погрижи Сара Милевска која според цртежи и мотиви од тој периодот кога е напишан самиот текст изработи прекрасни костими. Сценографијата е моја замисла која ја реализирав со помош на Диме Темков. Актерската екипа напорно работеше изминатиов месец и јас сум целосно задоволна од крајниот резултат кој вечерва премиерно ќе го презентираме пред кавадаречката театарска публика – објаснува Илова.

Првата реприза на претставата „Госпоѓицата Јулија“ е на репертоарот утре, со почеток во 19.30 часот. Ми.М.





2 views

Comments


bottom of page