Со пораката на Конески одбележан 5 Мај, Денот на македонскиот јазик: Јазикот е нашата единствена неп
Со пораката на Конески одбележан 5 Мај, Денот на македонскиот јазик: Јазикот е нашата единствена неподеленаа татковина!„Имаме обврска кон идните поколенија да го чуваме, развиваме и афирмираме македонскиот јазик како наш влог за иднината, да ги поддржуваме домашните и меѓународните научни истражувања за македонскиот јазик и неговите дијалекти, да ги негуваме особеностите на македонскиот јазик и правилно да го употребуваме за да го зачуваме за идните генерации“, истакна вчера претседателот Стево Пендаровски, во својата порака по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, кој беше одбележан во повеќе институции во државата
Македонскиот јазик со долга усна и писмена традиција е семето на македонската држава и порив кој нè води со чест и достоинство да го остваруваме и сочуваме нашето место во светот. Затоа, имаме обврска кон идните поколенија да го чуваме, развиваме и афирмираме македонскиот јазик како наш влог за иднината, да ги поддржуваме домашните и меѓународните научни истражувања за македонскиот јазик и неговите дијалекти, да ги негуваме особеностите на македонскиот јазик и правилно да го употребуваме за да го зачуваме за идните генерации“, истакна вчера претседателот Стево Пендаровски, во својата порака по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, кој беше одбележан во повеќе институции во државата.
Владата на Република Македонија во 2019 година, овој ден го прогласи за Ден на македонскиот јазик во чест на 5 мај 1945 година, кога првата влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.
Пендаровски порача да не се заборават и нашите предци и нивната борба за докажување на посебноста на македонскиот јазик. „Се потсетуваме на сите, кои со своето дело, низ вековите се вградиле во писмениот македонски јазик. Меѓу нив е Крсте Петков Мисирков, кој ни укажуваше дека јазикот е нашето духовно благо. Со пиетет го споменуваме кодификаторот на македонскиот јазик, Блаже Конески, кој не учеше дека јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина. Во годината кога ја одбележуваме стогодишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, еден од основоположниците на современата македонска книжевност, сакам да укажам на неопходноста да вложуваме повеќе во македонскиот јазик и литература, бидејќи само така ќе бидеме достоинствен дел од европскиот културен и образовен простор“, додаде Пендаровски.
Македонскиот јазик е нашиот идентитет
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, пак, посочи дека македонскиот јазик денес е познат и признат како столб на нашиот народ и е втемелен во европското законодавство.
„За првпат, со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС, неговиот статус како рамноправен со сите други јазици кои се зборуваат во Европската Унија е неприкосновен“, посочи премиерот Ковачевски во честитката упатена до Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Тој истакнува и дека македонската Влада иницира донесување на нов Закон за употребата на македонскиот јазик, со којшто ќе се прошират областите во коишто задолжително се употребува македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, како и востановување на нова државна награда за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјава и во странство, која ќе го носи името на великанот Блаже Конески.
За македонскиот јазик и неговото значење Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна: „Го одбележуваме овој значаен ден во реалноста која веќе никој не може да ја спори – ние сме Македонци кои говорат на македонски јазик, со нашата азбука, како официјално писмо. Македонскиот јазик ги помина сите фази на создавањето, на пробивот, на препознавањето, на кодификацијата и на признавањето, а денес е признаен во целиот свет, рамноправен со сите светски јазици. Запишан како македонски јазик во личната карта и во каталогот на нациите во Обединетите Нации… Токму затоа, македонскиот јазик – е нашиот идентитет и е света обврска за сите нас!“.
Дури го говориме, јазикот ќе ни живее
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на вчерашната панел-дискусија за афирмација на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, во организација на Министерството за култура, изрази надеж дека практиката за подигнување на свеста за јазикот, на ниво на цела држава ќе продолжи.
„Македонскиот јазик е јазик на оваа држава, на овие граѓани, на Северна Македонија. Ние се дури си го говориме јазикот, се дури водиме сметка за нашата култура, за македонската култура, за македонскиот јазик, ние сме заштитени. Јазикот е жива материја. Јазикот не може да се дефинира со тоа што некој ќе изгласа нешто во нечие Собрание или на некоја друга средба. Дури го говориме, јазикот ќе ни живее“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска, одговарајќи на новинарско прашање колку се штити македонскиот јазик. Таа истакна и дека Новиот Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик е одговор на новите процеси што се случуваат во општеството.
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, на панел дискусијата ја истакна пораката на Конески: „Јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина“, посочувајќи дека таа е еден вид на аманет, која во денешниот контекст е многу поважен и многу поголем товар за сите нас, а особено за институциите. „Ние тоа го сфативме и како политичка агенда бидејќи во сите преговори со ЕУ, во сите преговори конкретно со Бугарија секогаш клучна црвена линија ни бил македонскиот јазик и никогаш не отстапивме од тоа и немаме намера ниту право да отстапиме од такво нешто“, истакна Маричиќ.
На панел-дискусијата, на која присуствуваа и Елена Јованова-Грујовска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Наташа Аврамоска од Институтот за македонска литература, Људмил Спасов од Советот за македонски јазик и Весна Мојсова-Чепишевска од Семинарот за македонски јазик, литература и култура, се разговараше на повеќе теми поврзани со заштитата и афирмацијата на јазикот, за Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик што ја помина владината процедура, за дигитализацијата на досиејата на Институтот за македонски јазик, за опстојувањето на македонскиот јазик …
Лекторат за македонски јазик во Корча, а наскоро и во Тирана
Универзитетскиот професор и претседател на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов, на Меѓународниот научен собир „Од збор до речник“, кој вчера се одржа во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков “ – Скопје посочи дека
Денот на македонскиот јазик значи ден на гордоста, ден кога се сумираат резултатите од она што е направено и она што треба да се направи однапред.
„Успеавме преку Советот и благодарение на целата академска заедница, да се отвори од есенва лекторат или настава по македонски јазик на Универзитетот во Корча „Фан С. Ноли“ затоа што таму живее голем дел македонска заедница, но и други заедници… Најновата вест е дека сме на најдобар пат да се отвори таков лекторат во рамки на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана“, нагласи Спасов. Македонскиот јазик, додаде, станува европски јазик и луѓето што ќе го слушаат ќе добиваат сертификати кои ќе им служат во кариерниот развој.
Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елена Јованова Грујовска, пак, потсети дека ова е петта година како се одбележува Денот на македонскиот јазик во земјава. Таа ги соопшти добитниците на првите три награди и оние кои добија пофалници за најдобар есеј од основните и средните училишта и од универзитетите. „Се вреднува трудот, талентот и желбата да се твори на мајчин, македонски јазик“, нагласи Јованова-Грујовска.
Гир: Во ЕУ даваме огромна поддршка на промоција на македонскиот јазик
Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, кој присуствуваше на вчерашната панел- дискусија за афирмација на македонскиот јазик порача дека на денот кога Македонија ќе стане земја членка на ЕУ тогаш и македонскиот јазик ќе стане дел од семејството јазици на ЕУ и официјален јазик во рамки на Унијата.
“Ќе имате една целосна армија на преведувачи и толкувачи кои ќе работат на превод на европските стандарди и практики.
Сите тие ќе бидат преведени на македонски јазик така што со самото членство на Северна Македонија во ЕУ и вашиот јазик ќе стане наш јазик, дел од колективното семејство на јазици на Европската Унија и уште повеќе ќе се зајакнува. Токму поради таа причина ние во ЕУ даваме огромна поддршка на промоција на македонскиот јазик…“, истакна Гир, кој посочи дека јазикот претставува нешто интимно и лично за секој народ и тоа се поврзува директно со самата историја.
Comments