Со песната „Одиме на Европско“ ќе ги бодриме македонските фудбалери!
09.04.2021 April Petok
Песната „Одиме на Европско“ е прогласена за официјална навивачка химна на фудбалската репрезентација на Македонија за претстојното Европско првенство, со поддршка на Фудбалската федерација на Македонија. Коавтори се Петар Младеновски, водачот на групата „Суперхикс“, и Саша Гакинфеев, студент на Филолошкиот факултет во Скопје. На снимањето учествуваа членовите на ВИС „Рисови“: Танче Гроздановски, Никола Бочваров и Слободан Хаџи Илиев. Почнати се и подготовките за снимањето на видеозаписот, чија промоција треба да се случи кон крајот на април. Продукцијата „Мелем“, која ќе го реализира спотот за „Одиме на Европско“, деновиве упати апел до сите заинтересирани за учество во снимањето да се пријават на нивната страница на интернет.
„Видеозаписот ќе се снима во повеќе градови низ Македонија, почнувајќи од наредната недела. Потребни се луѓе од сите возрасни категории (деца, млади, повозрасни, момци, девојки, пензионери). Добредојдени се сите што би ги ставиле на располагање своите занаетчиски работилници и дуќани (бербер, пекарница, слаткарница, автомеханичар, чевлар, златар). Идејата е да снимиме повеќе ликови и ситуации како навиваат за Македонија.
Пријавете се да бидете дел од овој настан, поддржете ги нашите фудбалери и заедно да останеме овековечени во овој свечен фудбалски миг, преточен во видеозапис, миг кога македонската репрезентација ги живее своите историски моменти! Сите статисти ќе добијат навивачки реквизити како подарок! – велат од „Мелем“. Од продукцијата додаваат дека снимањето ќе се одвива во согласност со сите пропишани мерки и протоколи за претпазливост од ковид-19.
Comments