Со одлука на Владата две нови национални установи од културата
„Десет дена Крушевска Република“ и „Денови на Смилевскиот конгрес“ се двете нови национални установи од областа на културата. Одлуката за нивно формирање ја донесе Владата со цел да се афирмираат личностите и настаните поврзани со Илинденскиот период и со македонската државност. Тие ќе функционираат преку целата година. Иницијативата за основање на установата „Десет дена Крушевска Република“ е со цел поттикнување на творештвото на современиците инспирирано од Илинден и борбата на македонскиот народ за национално ослободување и за афирмација на Македонија. Оваа установа ќе биде сместена во објектот на Историскиот музеј – Крушево, сопственост на државата.
Иницијативите се поднесени од Министерството за култура каде што е предвидено Национална установа, Манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ – Смилево, Демир Хисар да ги одбележува деновите на Смилевскиот конгрес, како историски настан од значење за македонскиот народ и за спомените за Даме Груев. Установата ќе биде сместена во објект во село Смилево, некогашната куќа на револуционерот Даме Груев, исто така сопственост на државата.
Новите национални установи продолжуваат да дејствуваат во духот на афирмација на настани и личности значајни за илинденскиот период и за македонската државност.
„Смилевскиот конгрес е одржан од 2 до 7 мај 1903 во с. Смилево, Демир Хисар. Според одлуките што ги донел, тој е една од значајните етапи во подготовките на Илинденското востание. Со тоа, Смилевскиот конгрес е длабоко врежан во свеста на македонскиот народ. Спомените за ликот и делото на Даме Груев, како и други историски личности и настани, се постојан потсетник за поставувањето на темелите на македонската државност“, истакнуваат од Министерството за култура.
Comments