top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Со одлука на Влада: Македонија конечно со национален џез-оркестар ќе се претставува во светот

„Среќни сме што е донесена оваа одлука и логичен след беше конечно да се институционализира и нашиот оркестар кој веќе седум години функционира во рамките на Здружението на џез-музичари како ЗЏМ Биг бенд. Овој оркестар е веќе етаблиран, има настапувано надвор од границите на државата со музичари кои се актуелни добитници на „Греми“. Нашиот концепт на функционирање како џез-оркестар и концертирање дома и надвор од државата, како и оној ретко квалитетен кадар во оркестарот кој брои 20 членови, од кои некои завршија на престижните универзитети во светски рамки, е препознаено и од државата и пред сè од публиката“, вели Гоце Стевковски од Здружението на џез-музичари

„Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ и „Галерија на Гостивар“ се двете нови национални установи за чие основање Владата донесе одлука на својата 138. седница, заложба на ресорното министерство.

Како што велат од Владата во своето образложение установата „Оркестар за џез- музика“ се очекува да создаде високо квалитетен македонски џез-производ, којшто ќе постави нови критериуми и повисоки стандарди на македонската џез- сцена и ќе стане препознатлив во земјава и надвор од неа, по својата уникатност.

„Среќни сме што е донесена оваа одлука и веројатно по сите досегашни формирања на национални установи како Битолскиот камерен оркестар, како и оркестарот во Тетово, логичен след беше конечно да се институционализира и нашиот оркестар кој веќе седум години функционира во рамките на Здружението на џез-музичари како ЗЏМ Биг бенд. Ја поздравуваме одлуката и заложбата на Министерката за култура бидејќи имавме претходно неколку состаноци на оваа тема и што би значело за нас институционализирање на оркестарот. Овој оркестар е веќе етаблиран, има настапувано надвор од границите на државата со музичари кои се актуелни добитници на Греми. Нашиот концепт на функционирање како џез-оркестар и концертирање дома и надвор од државата, како и оној ретко квалитетен кадар во оркестарот кој брои 20 членови, од кои некои завршија на престижните универзитети во светски рамки, е препознаено и од државата и пред се од публиката“, вели Гоце Стевковски од Здружението на џез-музичари.

Тој посочува дека ова Здружение останува да функционира и понатаму бидејќи реализира уште неколку активности како што е организација на фестивалот по повод Светскиот ден на џезот на 30 април.

„Вмрежени сме во европската џез-мрежа и тие активности ќе се следат. Може да се направи следен исчекор во поголема поддршка за концентирање надвор од државата, што е предизвик на секој музичар“, додава Стевковски.

Од Министерството за култура посочуваат дека основната дејност на ‘Оркестарот за џез-музика“ е подготвување и јавно изведување на високо квалитетни музички дела, од областа на џезот и сите сродни жанрови кои гравитираат или се изведени од оваа ‘класична’ култура на 21 век.

„Новата национална музичка институција се формира на иницијатива на Здружението на џез-музичари, кое со својот биг-бенд во изминативе години постигна голем успех во земјата, во регионот и во Европа и со своите концерти пополни огромна празнина во овој дел на музичката култура во земјата. Преку оваа установа се негуваат талентираните џез-музичари кои работат во земјава и им се овозможува траен и одржлив ангажман што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела и да ја афирмираат џез културата, како и да ја популаризираат македонската џез-музика во земјата и надвор од неа“, велат од Министерството за култура.

Оттаму додаваат дека со оглед на празнината што државата ја има со непостоење на ревиски оркестар, оваа установа ќе се грижи за подобрување на музичката продукција, ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез-фестивали и настани кои ќе помогнат во негување на џез-културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации кои ја негуваат истата дејност.

Инаку, оваа национална установа просторно ќе се смести во објектот на НУ „Национална Филхармонија“, а по потреба ќе го користи и музичко-сценскиот простор на НУ “Национална опера и балет“.

И галерија на Гостивар – национална установа

Новата национална установа „Галерија на Гостивар“, пак, е предвидено да врши музејска дејност, односно истражување, собирање, средување, стручно и научно обработување и презентирање на музејските материјали. Дополнително, ќе врши дејност и од областа на уметничкото творештво, афирмација на современата ликовна уметност, како одговор на потребата ликовната сцена во полошкиот регион да биде збогатена со стручна институција од областа на музејската дејност. „Основањето на НУ „Галерија на Гостивар“, претставува важен чекор за реализација на Националната стратегија за развој на културата, со цел демократски, слободен, динамичен, рамномерен и одржлив културен развој заснован на рамноправен пристап и учество, како и на одговорно и ефикасно раководење, поаѓајќи од уверувањето дека правото на култура е основно и неприкосновено човеково право“, посочуваат од Министерството за култура.

Оттаму додаваат дека програмските определби на „Галерија на Гостивар“ ќе имаат рамноправен пристап кон сите граѓани и установата ќе биде отворена и достапна за сите видови соработка со други установи од областа на заштитата на културното наследство, културата, граѓанските организации, образовните институции, културните работници во државата и пошироко и меѓународна соработка. (Д.Т.)



1 view

Comments


bottom of page