Со „Норма“ се отвораат 50. „Мајски оперски вечери“
05.05.2022 Maj Cetvrtok
Со премиерата на операта „Норма“ од Винченцо Белини, во режија на Ренато Бонајуто, а под диригентската палка на Енрико Довико, двајцата од Италија на 9 мај, во 19,30 часот, во Националната опера и балет свечено ќе се отворат 50. „Мајски оперски вечери“.
„И по двегодишната пандемија, НОБ успеа да го задржи својот континуитет и квалитет со оглед на предизвиците кои ги носат здравствената, економската и воедно светската криза. ‘Мајските оперски вечери’ е фестивалот низ кој ќе се презентира врвното уметничко достигнување преку презентација на врвните креации од многуте наши и странски уметници, диригенти, солисти кои верувам дека ќе го дадат својот максимум во сценската изведба“, истакна на денешната прес-конференција Васо Ристов, директор на Националната опера и балет.
Како што посочи уметничкиот директор Дејан Прошев, пак, секоја година „Мајските оперски вечери“ се празник на операта, но ова е посебна година бидејќи се слави голем јубилеј-50 години на овој оперски фестивал каков на Балканот и пошироко нема. „Се одлучивме за ‘Норма’ – опера со која годинава прославуваме 30 години од нејзината прва изведба во Македонија, а последно е изведена на ‘Мајските оперски вечери’ во 1996 година. Во неа учествува екипа од Италија, Србија, како и домашни солисти“, додаде Прошев истакнувајќи дека годинешните „Мајски оперски вечери“ ќе вклучуваат шест настани.
По премиерата на 9 мај, „Норма“ ќе се изведе и на 11 мај, на 14 мај ќе се изведе балетска претстава „Госпоѓиците од Авињон“, како дел од оф програмата, на 18 мај, пак, операта „Лучија од Ламермур“, на 21 мај балетот „Жизел“, на 26 мај операта „Турандот“, и традиционално „Мајските оперски вечери“ ќе се затворат со операта „Аида“ на 31 мај.
За диригентот на „Норма“ Енрико Довико, особена чест е што по 18 години повторно соработувал со режисерот Бонајуто. Режисерот всушност го имал своето деби со Довико на „Севилскиот берберин“. Довико ја спомена првата изведба на операта „Норма“ и зборуваше за потешкотиите со кои се соочуваат солистите при изведбата на оваа опера.
За режисерот Бонајуто, пак, чест и задоволство е што му е доверена задачата да го отвори 50. издание на „Мајските оперски вечери“. Тој воедно истакна дека во Македонија одлично се чувствува и дека кога вчера се вратил од Италија, каде бил работно, се почувствувал како дома. „За ‘Норма’ работевме на текст од 19 век, кој изобилува со терминологија која денес и за Италијанците е неразбирлива, а камо ли за Македонците. Се обидовме на најдобар начин да ги истакнеме ликовите од операта, како Норма која е жена-мајка, која е изневерена, на начин на кој ќе ја долови таа психолошка нитка кај овој лик. Сценографијата ќе изобилува со земјени бои, бидејќи епохата во која се случува операта, уште пред Римјаните, ги поврзува ликовите со земјата, со природата“, истакна режисерот Бонајуто.
За оперската пејачка Благица Поп Томова привилегија е да се испее Норма. „Норма е една комплексна и виртуозна улога која секој сопран би сакал да ја испее, нормално во малку позрели години, бидејќи доколку немаш доволна техника и искуство таа е голем залак за да биде перфектно изведена“, рече Поп Томова.
Македонскиот оперски пејач Ѓорѓи Цуцковски, пак, го истакна задоволството и одговорноста што е дел од отворањето на „Мајските оперски вечери“, пред 15 години како млад оперски уметник којшто требало да се докажува на сцената, и сега како искусен оперски пејач кој треба достојно да ги брани квалитетите на Националната опера и балет. „Одамна не сме имале ваква добра продукција, вклучувајќи ја сценографијата, костимите, големото трпение на маестро Бонајуто којшто неизмерно своите знаења од италијанската опера, италијанското белканто успеа да ги пренесе на секоја режиска проба и маестро Довико кој со нас неуморно работеше на интерпретацијата. ‘Норма’ е едно софистицирано дело коешто е белканто, но содржи голема драма во себе, и има разлика од она досега што сме го работеле“, рече Цуцковски којшто ја изведува улогата на Полионе.
Во останатите улоги на „Норма“, пак, ќе настапат Сандра Митровска, Иван Томашев од Србија, Марика Поповиќ, Дејан Стоев, како и хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
За 50. јубилејно издание на „Мајските оперски вечери“ се подготвува и монографија чиј рецензент е Фимчо Муратовски. (Н.И.Т.)
Comments