Со новиот албум, Мадона собори уште еден дискографски рекорд
Според магазинот „Билборд“, 64-годишната кралица на попот стана првата жена што се нашла на врвот на Билборд 200 топ 10 секоја деценија од објавувањето на нејзиниот деби-албум, „Мадона“ (1983). За време на нејзината долга кариера, таа освои седум статуетки „греми“, како и 20 награди „видеомјузик авардс“ на Ем-ти-ви.
Нејзиниот последен албум, кој го објави на 24 јуни, ги содржи нејзините топ 50 денс-хитови од минатите години.
Во интервју за „Харперс базар“, Мадона го откри името на албумот.
– Го насловив албумот „Finally Enough Love“, бидејќи на крајот секогаш љубовта е таа што го движи светот. Освен тоа, една од моите најголеми љубови во животот е танцот. Сакам да танцувам и да ги инспирирам луѓето да танцуваат. Затоа со 50 танцови хитови број еден, тоа е многу љубов за споделување – објасни таа.
Кралицата на попот детално проговори и за својот нов албум во интервју за магазинот „В“.
– Работата на овој проект беше како патување низ мемориската лента. Тоа беше катарзично, емотивно искуство и ми врати толку многу спомени. Сфатив колку напорно работев и каков авантуристички музички живот водев. Што е најважно, ме натера да сфатам колку танцовата музика отсекогаш ми значела – дополни Мадона.
Мадона се осврна на темата колку музиката се променила низ децениите и што најмногу ѝ недостига денес.
– Толку е сѐ различно од раните 1980-ти досега. Музиката од тоа време имаше наивност и едноставност, кои ги сакам и ми недостигаат. Но сега ја имаме оваа нова фантастична технологија, со која можеме да направиме синтисајзерите да звучат како глас, а гласот да звучи како перкусии или виолини – изјави таа.
Освен што е број еден на листата на најпродавани албуми оваа недела, новиот носач на звук на Мадона моментално го обезбеди првото место на топ-листата за најдобри танцови албуми во електронската музика.
Comments