top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Со „Некрстени денови“ на Иво Трајков отворен 13. Филозофски филмски фестивал

Со премиерната проекција на филмот „Некрстени денови“ на Иво Трајков, во киното „Мирно лето“ на Кинотеката, во петокот се отвори 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал. Киното беше претесно да ги собере гостите и посетителите бидејќи се бараше место повеќе за проекцијата на „Некрстени денови“, филм со апокалиптичката приказна сместена во предворјето на Втората светска војна.

Публиката имаше можност и за исцрпна дискусија со режисерот Трајков кој специјално за оваа пригода допатува од Чешка. На отворањето на фестивалот со особено внимние беше проследен и музичкиот џез перформанс на Филип Букршлиев и Андреа Мирческа.

Од името на организаторот на Фестивалот, Филозофското друштво на Македонија поздравно обраќање имаше неговиот престедател, Љупчо Митковски. Тој потенцираше дека она што пред 13 години започна како иницијатива на неколкумина тогашни студенти на Институтот за филозофија коишто ги поврзуваше љубовта кон филмот и желбата да се има неформален простор да се дискутира и промислува за и околу филмот, низ годините се концептуализира и отелотвори во меѓународно препознатлив и автентичен Фестивал.

„Во светот постојат едвај неколку фестивали со ваков предзнак, повеќето веќе згаснати, но само нашиот, благодарејќи на тимот непоправливи ентузијасти успеа да се закотви и да етаблира консеквентна програмска рамка. Затоа, не само ние, туку чинам дека и целата македонска културна јавност имаме причини да бидеме горди на овој факт што укажува на уникалност“, истакна Митковски.

За овој единствен фестивал кој ја негува и промовира мисловната, филозофско-eстетичка димензија на седмата уметност директорката на ФФФ, Ана Дишлиеска Митова во фестивалскиот каталог ќе забележи: „Во нашата годинешна „фабрика на соништа“, како што би рекол, Годар, се надеваме дека секој еден од вас ќе си најде некое мало и убаво филмско задоволство, малку поттик и инспирација, малку оддишка или (филозофско/човечка) рефлексија среде нашата изворна запрашаност пред човечката состојба и дека секој еден филм, ќе биде еден искачен врв, еден отворен поглед и еден отсонуван (колективен) сон, уште една година заедно, во нашето омилено место, Кинтеката“.

Фестивалската програма продолжува денеска, а како дел од официјалната селекција од 18.30 часот ќе се прикаже филмот „План 75“ (2022) на Чие Хајакова. Од 21 часот пак во киното „Мирно лето“ како дел од ревијалната програма посветен на годинешниот фестивалски фокус кон Жан Лик Годар ќе биде прикажан „Во темнината на времето“. Потоа следуваат осум наслови од официјлната селекција на краткометражни филмови: „Сè по старо“, Лојд Ли Чои, „Над површината“, Јела Хаслер, „Ќебенцето“, Тепо Ајраксинен, „Бездомник“, Дајан Вејс, „За мене“, Али Асгари“, „Семка од авокадо“, Ари Зора“, „Второ лице“, Рита Барбоса, „Ноќна светлина“, Ким Торес.



1 view

Comments


bottom of page