Со настапот на Влатко Стефановски трио почнува 15. издание на „Локум фест “ во Битола
22.07.2021 Juli Cetvrtok
Петнаесеттото издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“ ќе се одржи од денеска до 24 јули во Битола.
Фестивалот ќе започне денеска со настапот на Влатко Стефановски трио на Хераклеја, потоа, утре, во Пацио-НУ Завод и Музеј, ќе настапат дуото на Драган Даутовски и неговиот син Ратко Даутовски кои ќе го промовираат албумот Apocalypticum.
Третата вечер, 24 јули, е распослана на Широк сокак и старата битолска чаршија, насловена како „Распеана чаршија“. Започнува во срцето на старата битолска чаршија на истото место каде што овој фестивал и започна, пред „Малиот битолски Монмартр“ со „Приказни од чаршијата“ , и настап на легендарните КУД „Илинден“, како и изложбата „40 години Мал битолски Монмартр“ за да продолжи на неколку локации со настап на чалгиски ансамбли и дополнителни соддржини.
– Со овој концепт имаме намера да ја раздвижиме старата битолска чаршија почнувајќи од Широк сокак – Магнолија, пешачката улица покрај реката Драгор, како и неколку локации во самата чаршија. Оваа трета вечер се подготвува детално во соработка со дуќанџите и Регионалната занаетчиска комора Битола и неформалната група „Стара битолска чаршија“, информираат од организацијата.
„Локум фест“ е фестивал кој започна во 2007 година во старата битолска чаршија. Самото име е изведено од конзулската традиција со локум и кафе да се пречека комшијата, патникот, добронамерникот и е синоним за отвореност, мултуикултурност, средба помеѓу културите. Всушност една од главните функции на Фестивалот е преку различните музички форми, традиционални и стилизирани, чалгија, fusion, world music, да се покаже сиот амалгам и раскош на култури, етноси и обележја на конзулска Битола.
Во изминатите четиринаесет години на Локум фест настапиле преку седумдесет групи и ансамбли од како од Македонија, така и од дваесетина земји од регионот, Европа и светот. На Локум фест настапиле изведувачи од : Египет, Индија, Кина, Норевешка, Данска , Шпанија, Јапонија, Шведска, Исланд, Унгарија, Полска, Германија, Хрватска, Словенија, Србија, Албанија, Турција, Бугарија, Бразил, итн. Помеѓу настапите, се паметат оние на Љубојна, Баклава, Чалгија саунд систем, Тони Китановски и черкези, Кочани оркестар, Сваровски бенд, Јаков Дренковски, Виолета Томовска , Зоран Џорлев, Вања Лазарова и многу други. Локум фест е единствениот фестивал кој активно презентира сефардска музика како дел од културното историското минато на Битола или Монастир.
Покрај музичкиот дел Фестивалот, од организацијата информираат дека во соработка со ЗУР Македонски ракотоворби, веќе петнаесета година се оддржува „Саем на ракотворби“ мотивирани од народната традиција, сегмент кој му дава колорит и дух на фестивалот.
Дополнуваат дека културното наследство, како потенцијален туристички мотив, го потенцираат како низ промотивните материјали, но и преку изложбата „Раскажи ја својата приказна“, или изложба на семејни раритети од конзулскиот период кои граѓаните ги имаат во своите домови.
– На тој начин го градиме активен однос кон колективното културно наследство и партиципативноста на граѓаните . Посебен акцент оваа година ставивме на соработката со Државниот архив – одделение Битола, благодарејќи на која ќе имаме единствена можност да видиме еден особен раритет, популарно наречен „Грамофонот на Манаки“ , кој ќе биде изложен заедно со автентични фотографии од боемскиот живот и чалгии од минатиот век, велат од организацијата.
Comments