Со награди и нови членови одбележани 75 години ДПМ: Писателите се исправени пред многу предизвици
Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) во пресрет на јубилејот -75 години од основањето на писателската асоцијација доби шест нови члена. Поканата за членство ја прифатија Владимир Јанковски, Румена Бужаровска, Елизабета Баковска, Јовица Ивановски, Снежана Младеновска-Анѓелков и Никола Маџиров. ДПМ ги додели и традиционалните книжевни награди на писателите Ивица Челиковиќ, Санде Стојчевски, Димитар Пандев и Венко Андоновски
„Друштвото на писателите на Македонија денес има околу триста активни членови од различни генерации и со различни стилски и жанровски профилации.
Тие денес се исправени пред многу предизвици: какви ќе бидат патиштата на литературата во иднина? Ќе опстои ли во своите познати рамки или ќе се модифицира? Новите технологии и медиуми, новите начини на комуникација, новите животни стилови, новата нормалност… И, особено важно, како ќе се презентираат и афирмираат домашните специфики пред странската читателска публика? Сите овие и многу други прашања се поставуваат пред писателите денес“, рече претседателката Соња Стојменска-Елзесер по повод 75-годишнината од основањето на писателската асоцијација.
Друштвото на писателите на Македонија на 13 февруари 1947 година го основале: Блаже Конески, Димитар Митрев, Славко Јаневски, Васил Иљоски, Ристо Крле, Иван Точко, Венко Марковски, Владо Малески, Ацо Шопов и Коле Чашуле.
На затворен настан поради пандемијата, ДПМ ги додели и традиционалните годишни книжевни награди за 2021 година. Наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување ја доби Ивица Челиковиќ за романот „Ден за одмазда“ во издание на „Паблишер“. „Моето членство во писателската асоцијација на Македонија датира во периодот кога се подготвував да се преселам на северот на Европа, во Скандинавија, од 1990 година. И оттогаш не се чувствувам како класичен иселеник бидејќи денешните комуникации овозможуваат почесто да доаѓам тука, а и самата можност да контактирам и соработувам со моите колеги ми го дава тоа чувство. Како што академикот Блаже Конески велеше „Јазикот е нашата татковина“, така и јас чувствувам дека и на северот на Европа сепак живеам со нашиот јазик, а еве и со литературата која овдека ја објавуваме“, рече меѓу другото Челиковиќ, заблагодарувајќи се за наградата.
За најдобра поетска книга наградата „Ацо Шопов“ му припадна на Санде Стојчевски за стихозбирката „Великата лирска песна: песни за Неа“ во издание на „Дијалог“. “Оваа награда за мене има особено значење бидејќи на самиот мој старт во литература стои името на Ацо Шопов. Имено, во последните години од гимназијата учествував на градските натпревари на тема „Поетските фази во развојот на Ацо Шопов“ и ја добив првата награда“, истакна Стојчевски, додавајќи дека книгите на Ацо Шопов се трајна лектира за сите генерации македонски писатели.
Наградата „Димитар Митрев“ за најдобра критичко-есеистичка книга му е доделена на Димитар Пандев за делото „Времето на Конески“ во издание на „Панили“. Тој по повод наградата посочи: „Преку оваа книга сум сакал да ги истакнам сите оние пориви што произлегле во македонската лингвистика и филологија, а што на извесен начин се врзани со ДПМ, чиј прв претседател и еден од основачите е токму Блаже Конески“.
За најдобра книга за деца и млади, наградата „Ванчо Николески“, ја доби Венко Андоновски за романот „Имаш пчела на носот: роман за њутајмер и олдтајмер тинејџери“ на „Паблишер“.
Додека го пишував романот имав голема трема. Мислев дека тремата ми е поголема дури и во оние моменти кога ги создавав „Папокот на светот“ и „Вештица“. Таа трема доаѓа од чувството дека да се пишува за млади и деца не е воопшто лесно… Кога пишувате за деца вие треба цело време да бидете дете, што е особено тешко за човекот кој влегол во попладнето на својот живот, кој се навикнал да ги гледа нештата околу себе како да се вообичаени и ја нема таа свежа детска перцепција…“, истакна меѓу другото Андоновски.
ДПМ на годишнината од основањето, доби шест нови членови – автори кои, како што информира писателската асоцијација, добиле некоја од престижните книжевни награди и веќе стекнале сериозна писателска репутација.
Претседателството на ДПМ овој пат одлучило да направи исклучок од вообичаената практика на проширување на бројот на членови преку јавен повик на кој се пријавуваат кандидати и директно да покани за членство. Поканата за членство во ДПМ ја прифатија: Владимир Јанковски, Румена Бужаровска, Елизабета Баковска, Јовица Ивановски, Снежана Младеновска-Анѓелков и Никола Маџиров.
„Се работи за автори кои веќе добиле некоја од престижните книжевни награди и кои веќе се здобиле со сериозна писателска репутација“, посочуваат од ДПМ.
Comentários