Со млади сили до повисок пласман
ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ВО ЧЕНАИ, ИНДИЈА
Македонската машка шаховска репрезентација по 14-ти, а женската по 13-ти пат ќе настапат на 44-та Шаховска олимпијада (ШО), од денеска до 10 август, во Ченаи (Индија). Шахистите пред почетокот на турнирот се рангирани на 61-то место (просечен рејтинг 2.389) меѓу 188 селекции, а шахистките се на 71-то (1.863) од 162 репрезентации. Се игра на четири табли, со една резерва, а новите прваци ќе бидат познати по 11 кола.
На минатата ШО, во 2018 година во Батуми (Грузија), од сегашниот состав кај мажите играше Никола Николовски, а кај жените Моника Стојковска и Драгана Николовска, па во Ченаи ќе дебитираат Емил Ристески, Андреј Велјаноски, Леа Ефтовска и Моника Жежовска. На ШО 2022 играат вкупно 935 шахисти, од тоа 235 велемајстори (ВМ) и 798 шахистки (15 ВМ).
– Звонко Станојоски, како најискусен и шахист со највисок рејтинг, ќе биде на првата табла и сметам дека ќе одигра солидно. Помладите репрезентативци годинава не покажаа добра форма, но се надевам дека на оваа ШО ќе го дадат својот максимум. Штета што не игра актуелниот македонски шампион Филип Панчевски, како и стандардниот Кирил Георгиев, но тоа се нивни одлуки. Имавме само еден подготвителен камп пред заминувањето, кој траеше три дена и повеќе беше насочен кон градење на екипниот дух, оти за толку дена и не може нешто повеќе да се одработи. Се надевам дека ќе успееме да се пласираме барем пет места погоре од стартниот број, а 10 би бил добар резултат – вели селекторот на машката репрезентација, ВМ Трајко Недев, кој од македонските шахисти настапил и најмногу на ШО, 12 пати.
Најдобриот почетен пласман (33-ти) и просечен рејтинг (2.543) на македонските шахисти досега бил на за ШО 2002 во Блед, а кај шахистките на ШО 1996 во Ереван (43-ти), а просечен рејтинг (2.139) на ШО 2000 во Истанбул. Шахистите најдобриот пласман го остварија во 2002 година, 11. место со 18 бода (33 поени по табли) од 14 кола, а шахистките во 1998 година, 34-ти со 14 бода (20 по табли) од 13 кола. На ШО 2018, мажите (рангирани 43-ти) го освоија 48-то место од 185 селекции, а жените (рангирани 58.) беа 70-ти меѓу 151 репрезентација.
– Чест и задоволство ми е што повторно ќе настапам за Македонија, иако мислам дека претходните години бев неправедно изоставен од репрезентацијата. Ќе се трудам што поуспешно да одиграм на ШО и да го дадам максимумот во секоја партија. Репрезентацијата е многу подмладена и вистинската сила ќе ја видиме токму тука. Отсекогаш сум бил оптимист и се надевам на добар пласман, а тој би бил подобар од стартниот број – вели ВМ Станојоски, кој досега настапил на осум ШО, а претходен пат во 2010 година.
Како селектор кај жените ќе дебитира истакнатиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Љубиша Андоновски, кој дојде на местото на ВМ Влатко Богдановски.
– Би бил задоволен ако Македонија во ваков подмладен состав, во кој Моника Жежовска има само 14 години, заврши меѓу првите 55 селекции – рече Андоновски.
На ШО во Ченаи, каде што Норвежанецот Магнус Карлсен првпат стана светски првак во 2013 година, откако го победи Индиецот Вишванатан Ананд, шахист со највисок рејтинг е токму светскиот првак, Карлсен (2.864), а кај шахистките Индијката Химпи Конеру (2.586). Поради ковид-19, стандардната ШО не се одржа во 2020 година, а титулите на ШО 2018 ги освои Кина и во машка и во женска конкуренција, која нема да биде дел од ШО во Ченаи. Г.И.
МАКЕДОНИЈА НА ШО 2022
МАЖИ
ВМ Звонко Станојоски 2.412
ФМ Емил Ристески 2.405
ИМ Тони Лазов 2.374
ИМ Никола Николовски 2.366
Андреј Велјаноски 2.162
ЖЕНИ
ЖФМ Моника Стојковска 2.091
Ивана Манова 1.849
Драгана Николовска 1.876
Леа Ефтовска 1.634
Моника Жежовска 1.588
Comentários