top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Со концертот на Пијано трио се отвора фестивалот „Златна лира“

07.10.2024 Oktomvri Ponedelnik

Со концертот на камерниот состав „Пијано трио“, на 8 октомври (20 часот), во Музејот ан македонската борба ќе биде отворен фестивалот на музичките уметници на Македонија „Златна лира“, што ќе трае од 8 октомври до 3 ноември.

Во рамките на програмата ќе бидат изведени делата на Г. Начевски – „Flashes“, компонирано за Пијано трио, Ф. Пуланк – Соната за обоа и пијано, К. Сен-Санс – Соната за фагот и пијано, М. Глинка – „Патетично трио“, Ж. Фрасе – Трио.

Составено од тројца извонредни музичари – Татијана Петрушевска-Караскаковска, прва обоистка во оркестарот на Националната опера и балет, Марјан Милошевски, прв фаготист во истиот оркестар и професор на Факултетот за музичка уметност, и Петар Макариевски, пијанист и уметнички соработник на Факултетот за драмски уметности – овој камерен состав ги здружи своите креативни сили во 2014 година.

Како докажани и афирмирани уметници, сите тројца се водени од страста за истражување нови музички хоризонти и желбата за постојано збогатување на својот репертоар. Создавајќи ансамбл кој овозможува динамична уметничка соработка, тие го споделуваат верувањето дека камерната музика, без оглед на нејзината формација, е од суштинско значење за секој музичар. Таа отвора врати за размена на идеи, проширување на репертоарот и изведба на дела кои бараат интеракција со други инструменти, надминувајќи ја солистичката изведба.

Формацијата на овој ансамбл нуди огромна палета на репертоар од различни музички епохи, чии дела претставуваат вистински предизвик за изведба и бараат виртуозност и уметничка зрелост. Композитори како Хенрих Брод, Теобалд Лалие, Карл Фридеман, Волфганг Амадеус Моцарт, Франсис Пуланк, Георг Фридрих Хендл, Антонио Вивалди, Антон Рајхенауер, Лудвиг ван Бетовен и Михаил Глинка се само дел од имињата на нивниот репертоар, кој постојано се обновува со нови и возбудливи дела.


0 views

Comments


bottom of page