top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Со концертот „Данте 700“ и Трпчески како солист стартува “Филхармонија во движење“

Updated: Oct 6, 2021

04.10.2021 Oktomvri Ponedelnik

Програмата на музичкиот настан за старт на новата сезона на Филхармонија, што ќе се одржи на 7 октомври (20 часот), е изградена на опусот на Франц Лист. Неговиот “Концерт бр. 2“ според пијанистот Симон Трпчески, е исклучителен како и целокупниот негов опус и изобилува со прекрасни теми кои се разлиени низ целиот оркестар и во кој публиката ќе ужива. Концертот кој се состои од два дела ќе заврши со “Симфонија Данте“

Со концертот насловен “Данте 700“ под диригентската палка на маестро Габриел Бебешелеа и со нашиот светски познат пијанист Симон Трпчески како солист, се отвора новата сезона на Филхармонија насловена “Филхармонија во движење“. Токму овој концерт на 7 октомври (20 часот), ја најавува богатата програма на оваа национална установа.

“Отворањето на новата сезона на македонската Филхармонија е прекрасен повод и прекрасна инспирација во ова невреме во кое живееме. Секогаш сум среќен кога настапувам дома во Скопје и мило ми е што и во вакви времиња настапувам во својот град. На отворањето на Филхармонија ќе настапам на лична покана на маестро Габриел со кој досега сме имале повеќе заеднички настапи низ Европа и сега сме првпат заедно на сцената во Македонија, во Скопје. Мило ми е да настапувам со човек што е искрено посветен на музиката и има исклучителни знаења од професијата што на Македонската филхармонија ѝ донесе свежина. Станува збор за голем професионалец, музичар, кој ќе понуди многу свежина, иновативност и покрена поинакви размислувања во развојот на музичарите“, истакна Трпчески на прес-конференцијата по повод отпочнување на новата сезона во која Бебешелеа е шеф-диригент.

Инаку, програмата на концертот „Данте 700“ која се состои од два дела, е изградена на опусот на Франц Лист. Неговиот “Концерт бр. 2“, додава Трпчески, е исклучителен како и целокупниот негов опус и изобилува со прекрасни теми кои се разлиени низ целиот оркестар и во кој публиката ќе ужива. Концертот ќе заврши со едно огромно дело насловено “Симфонијата Данте“.

Шеф-диригентот Бебешелеа, пак, посочи дека е среќен што е повторно во Скопје. и што се враќа со исклучителен концерт со кој се затвора концертната серија започната минатата година, посветена на исклучителниот италијански писател Данте Алигиери и неговата „Божествена комедија“.

“Моите концерти оваа сезона во Филхармонија се на некаков начин врзани со времето, како тоа се отсликува на позитивен и на негативен начин. Таков ќе биде и проектот насловен „Време“ со кој ќе ја затвориме оваа концертна сезона“, откри маестро Бебешелеа.

Директорката на Филхармонија Тина Иванова посочи дека концептот на програмата за оваа сезона е фузија на „железниот“ репертоар на симфонизмот и дела од модерни и современи автори кои за првпат ќе прозвучат кај нас.

На 14 октомври е антологиското дело „Музика за 18 музичари“ од американскиот композитор Стив Рајх, кое ќе биде изведено премиерно под диригентската палка на Паскал Галоа. Самиот Стив Рајх ќе биде присутен преку видео-конференција.

Инаку, во новата концертна сезона, велат од Филхармонија, ќе настапат исклучителни солисти како Тимоти Рајдаут (виола, Англија), Јеил Еум Сон (пијано, Ј.Кореја), Марија Солозлобова (виолина, Русија), Андреи Коробејников (пијано, Русија), Елишија Силверштајн (виолина, САД), Сајака Соџи (виолина Јапонија), кваретот „Баланеску“… Со оркестарот ќе диригираат Паскал Галоа, Емил Табаков, Конрад ван Алфен, Урош Лајовиц, Михал Нестерович и др. Освен од различни краишта на светот, ќе настапат и домашни уметници – Анна Кондратенко, Ева Богоевска, Маја Чаначевиќ, Паскал Краповски. Исто така ќе се одржат и два новогодишни концерта, еден е за деца и вториот за возрасни со маестро Тимоти Редмонд посветен на оскарите, кој ќе има мултидимензионално движење…

Филхармонија со нова, современа веб-страница

Филхармонија најавува нова веб-страница со модерен и автентичен дизајн.

На страницата, освен основните информации за настаните и тековните содржини, ќе може да се слуша и симнува музика во изведба на Филхармонија, како и да се преземе електронска верзија на Филхармонискиот весник кој го издава институцијата. На неа ќе можат да се најдат различен тип на корисни информации врзани за сите активности на Филхармонија. (Д.Т.)



2 views

コメント


bottom of page