Со изложба на Мајкл Клос и настап на „8balls“ стартува фестивалот “На зајдисонце“ во Трпејца
Со изложба на слики од уметникот Мајкл Клос од Канада и настапот на бендот „8balls“, денеска, во Трпејца, ќе започне 11. Културно-забавното лето „На зајдисонце“. Од 20 до 28 јули, организаторот Здружението „За Трпејца со љубов“, ќе понуди низа интересни содржини со кои ќе го привлече вниманието на гостите и домаќините кои летуваат во Трпејца. В четврток, на летната сцена под ведро небо ќе настапат: Младите од Црвен крст Охрид со поетско-музичкиот перформанс „Треба да бидеме подобри“. Следниот ден е резервиран за поетесите – сестрите Вера М Самарјанин, Марика Тапанџиева во јавноста познати и по своите хуманитарни дела, а со нив ќе настапи и пејачот Драган Мијалковски.
В сабота, (20:30 часот) ќе биде резервиран за младиот Петар Симоноски, кој ќе има своја видеопрезентација на тема „Трпејца низ вековите“, а негов гостин ќе биде гитаристот Горан Кичеец. Истата вечер, во Трпејца, во соработка со македонската Кинотека, ќе биде прикажан култниот македонски филм „Мирно лето“ во режија Димитрија Османли.
Неделата е резервирана за традиционалната Кајакарска регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање, а вечерта мини концерт ќе одржи дуото „Black Moon“ од Охрид. Следната вечер ќе започне со нова содржина наменета за забава на гостите – трката со куфери по скалинадата во Трпејца. Таа вечер не очекува запознавањето со „Богатството на Охридското Езеро“ во соработка со ЈНУ „Хидробиолошкиот завод“ од Охрид, а ќе следува и концерт на класична музика насловен „Млади надежи“. Во вторник, на 26 јули, најмладите преку цртежи ќе го овековечат зајдисонцето во Трпејца, а следната вечер нивните трудови ќе бидат и претставени пред гледачите. По традиција ќе биде поставена и изложба на дела од минатогодишната четврта Уметничка колонија, која секој септември се одржува во Трпејца, ќе настапи танчарската група „Dancin Angels“, а вечерта ќе биде заокружена со д-р Анис Сефиданис, кој ќе се обиде гледачите на популарен и интерактивен начин да ги воведе во светот на компјутерите и роботиката.
Претпоследната вечер е резервирана за видеоизложбата на фотографии направени со мобилен „Трпејца низ објективот на туристите“ и настапот на пејачката група и оркестар на ансамблот „Ѓердан од бисери“ од Охрид. Културно-забавното лето кое следниот ден ја носи традиционалната прошетка по патеката Чоколско, ќе биде заокружено со Вечерта посветана на познатиот македонски хармоникаш и композитор д-р Гоце Џуклески. Публиката таа вечер ќе може да ужива и во настапот на Градскиот хор Vox Lychnidos и пејачот Мирко Вретовски.
ความคิดเห็น