Со „Едвард Втори“ стартува Битола „Шекспир фестивал“
28.06.2024 Juni Petok
„’Едвард Втори’ е производ на драматуршкиот ‘римејк’ на режисерот Андриј Жолдак и драматургот Сашо Димоски на класичната драма на Кристофер Марлоу, со поп-артовска посвета на физичкиот театар, а во поголемиот дел од дејствието кокетирајќи со разни жанрови, во прв ред крими-трилерот. До 2 јули во рамките на фестивалот, кој се одвива под мотото „Месечината јасно свети, во ноќ како оваа“ публиката ќе има можност да проследи вкупно шест претстави, три домашни и три странски
Со претставата „Едвард Втори“, копродукциски проект на НУЦК Театар „Јордан Х.К. Џинот“, Велес и Драмски Театар Н.О. Масалитинов, Пловдив, Р. Бугарија, на 28 јуни со почеток во 20 часот, во Битола стартува јубилејното десетто издание на меѓународниот Шекспир фестивал. До 2 јули во рамките на фестивалот кој се одвива под мотото „Месечината јасно свети, во ноќ како оваа“ публиката ќе има можност да проследи вкупно шест претстави, три домашни и три странски.
„’Едвард Втори’ е производ на драматуршкиот ‘римејк’ на режисерот Андриј Жолдак и драматургот Сашо Димоски на класичната драма на Кристофер Марлоу, со поп-артовска посвета на физичкиот театар, а во поголемиот дел од дејствието кокетирајќи со разни жанрови, во прв ред крими-трилерот. Стеснета и дизајнирана во минималистички стил, сцената го потенцира чувството на нелагодност: затоа ликовите манијакално се удираат во ѕидовите, не наоѓајќи го излезот. Претставата не е наменета за лица помлади од 16 години“, посочуваат од Битола Шекспир фестивал.
Претставата „Ромео и Јулија“
Во претстават играат: Илин Јовановски и Борис Крстев како Филип Втори, Јована Миладинова, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Бранко Михајлоски, Кире Ацевски, Никола Петковиќ, Сандра Танчева, како и Марија Баркова, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски, Тодор Стојковски.
Сценографијата е на Андриј Жолдак и Даниел Жолдак, а костимографијата на Симон Мачабели и Раде Василев, додека музиката е на Сашко Костов.
Веќе на 29 јуни (20 часот) публиката ќе може да проследи две претстави “Хамлет – Денот на убиствата”, според пиесата на Бернар – Мари Колтес, во режија на Марјан Неќак, на НУ Народен театар – Битола, Македонија. Оваа претстава минатата недела ја доби наградата за најдобра претстава на Интернационалниот Фестивал „Инфант“ во Нови Сад, Р. Србија. Во 21.30 часот истат вечер на програмата е “Цезар” во режија на Сибел Абдиу, и во изведба на Катс Шахне театар од Истанбул, Турција.
Претставата „Отело” на ИмПерфект Денсерс Компани од Италија ќе може да се види на 30. јуни во 20 чаот, додека на 1. јули во ист термин (20 ч.) е „Бура”, претстава на НУЦК „Марко Цепенков“ од Прилеп.
Последниот ден, поточно на 2 јули (20 ч.), љубителите на театарската уметност ќе присуствуваат на изведбата на претставата “Ромео и Јулија”, во продукција на Народен театар Тоша Јовановиќ од Зрењанин, Србија.
Според познатиот цитат на англискиот писател Бен Џонсон, Шекспир е толку голем и значаен автор што неговите дела се доволни за повторно да го изградат светот. Џонсон го кажал ова во контекст на зборувањето за трајноста и универзалноста на Шекспировото дело. Според него, иако материјалниот свет може да исчезне, вредностите, идеите и емоциите кои Шекспир ги претставува во своите дела се толку длабоки и универзални што можат повторно да го изградат човечкиот дух и култура.
Како што додаваат од Битола Шекспир фестивал, токму затоа, делата на Вилијам Шекспир се испратени во вселената. Во 2010 година, како дел од програмата “Lunar Reconnaissance Orbiter” (LRO) на NASA, дигитална копија од делата на Шекспир беше испратена на месечината. Ова беше дел од проектот “Moon Arts Ark”, кој имаше за цел да ги зачува човечките уметнички дела и културното наследство. Според тој модел доколку дојде до апокалипса би можело да се реконструира целата цивилизација, онаква каква што денес ја знаеме, каква и да е!!!
Дизајнот на визуелното решение за 10тиот по ред Битола Шекспир фестивал е на Сашо Илковски и е графичка интервенција врз фотографија на месечината фотографирана од авторот на 15 јуни 2024. (Д.Т.)
Commenti