Со Галичката свадба Филип и Катерина ја продолжуваат традицијата на Мијаците
По пауза од една година, поради пандемијата на ковид-19, повторно ќе се слушнат зурлите и тапаните во рамките на прочуената културно-сценска манифестација “Галичка свадба“ (16-18 јули), која 47 години го презентира пред домашната и светската јавност богатото културно наследство на Мијаците. Традицијата ќе ја продолжат Филип Бундовски, кој по потекло е од Галичник, и неговата избраничка Катерина Илиевска кои судбоносното “да“ ќе го изговорат в недела во црквата “Свети апостоли Петар и Павле“.
“Со радост го очекуваме чинот со кој ќе ги испочитуваме предците и традицијата“, велат триесет и седумгодишниот Филип Бундовски, по потекло од Галичник, и триесет и тригодишната Катерина Илиевска, кои претстојниот викенд ќе го кажат судбоносното “да“ во живописниот Галичник. По пауза од една година, поради пандемијата на ковид-19, повторно ќе се слушнат зурлите и тапаните во рамките на прочуената културно-сценска манифестација “Галичка свадба“ (16-18 јули), која 47 години го презентира пред домашната и светската јавност богатото културно наследство на Мијаците.
“Чувството да се биде дел од оваа богата македонска традиција е неописиво. Одговорноста е голема да се следат сите обичаи и да се испочитува сè она што ни го оставиле нашите предци“, посочува младоженецот Бундовски кој открива дека по потекло е од Галичник и долги години учествува во манифестацијата Галичка свадба. “Учествував во повеќе улоги како статист, како коњаник, една година бев и стар побратим. Обичаите ми се добро познати. Како доаѓаше времето, сè повеќе се гледав како зет на Галичка свадба. Кога станаа сериозни работите меѓу мене и Катерина, видов дека и таа има желба да биде учесник, невеста во Галичката свадба“, вели годинешниот галички младоженец и додава дека одлуката да се учествува е заедничка. “Се согласивме дека мора да го направиме ова“, велат младоженците кои иако живеат и работат во Скопје, желбата за Галичка свадба конечно ќе им се исполни.
“Чест ми е што сум галичка невеста оваа година, особено гордост чувствувам што сум дел од оваа традиција. Галичката свадба е една од најавтентичните свадби на Балканот и пошироко. Сигурна сум дека сите заедно ќе си поминеме убаво овој викенд во Галичник“, додаде Илиевска.
На младоженците среќен и долг живот им посака министерката за култура Ирена Стефоска која ја потврди поддршката на Министерството за култура на оваа манифестација која, како што вели, “го збогатува и чува препознатливиот македонски фолклор“.
“Галичката свадба е чувар на традицијата и наше драгоцено нематеријално културно наследство“, истакна Стефоска. Покровител на годинешнава Галичка свадба е претседателот Стево Пендаровски.
А условите за продолжување на вековната традиција, велат од организациониот одбор на Галичката свадба, годинава се создадени.
“Подготвени сме да ги пречекаме и да им посакаме добредојде на сите посетители од земјава и странство кои ќе дојдат во Галичник да ги видат и одново да им се воодушевуваат на уникатните свадбарски обичаи и адети проследени со богатиот колорит на народни носии и изворните песни и ора карактеристични за овие македонски краеви“, истакна Александар Костиќ од организациониот тим на Месната заедница Галичник.
Марија Мининчиќ, пак, менаџерката за корпоративни комуникации на Пивара Скопје, (традиционален партнер на манифестацијата), пак, истакна: “Традицијата е мост што ги поврзува минатото, сегашноста и иднината, ни дава енергија и нè држи заедно во добро и во лошо и затоа треба да ја негуваме и поддржуваме“.
Инаку, од организациониот одбор посочија дека ќе бидат преземени сите превентивни мерки за заштита на здравјето на учесниците и посетителите, истовремено упатувајќи апел до сите што ќе дојдат во Галичник да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од ковид-19 и заштита на природата на Галичник.
Концерти в петок, обичаите в сабота, а свадбата в недела…
Официјалниот почеток на Галичката свадба ќе биде означен в сабота на 17 јули, со поставување на свадбарско знаме и симболичен чин на “фрлање на три пушки“ од куќата на зетот. Венчавањето на младенците ќе се случи в недела, 18 јули, во храмот “Св. апостоли Петар и Павле“ во Галичник, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите. Инаку, според програмата на годинешната Галичка свадба, која и овојпат изобилува со најразлични забавни и музички содржини, прилагодени за сите генерации, започнува уште во петок, 16 јули, со настапот на групите “Тоа е тоа“ (20.30), “Љубојна“ (која во 22 часот ќе одржи концерт на платото пред чешмата Упија, при што ќе бидат изведени изворни песни од Мијачкиот крај) и на групата “БендОфф“. Манифестацијата завршува в недела со испраќањето на тајфата Мајовци и посакување “здравојживо видување вгодина“.
(Д.Т.) Фото: Ѕ.Плавевски
Comments