top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Со внатрешни иновации до кандидат за титулата

ФУДБАЛ – СЕВИЛЈА ДОЖИВУВА РЕНЕСАНСА

Калибарот на регрутирани фудбалери е нешто со што Севилја се гордее. Последната зделка на која директорот за фудбал, Рамон Родригез Вердехо, во светот на фудбалот попознат како Мончи, е ангажирањето на заем на Антони Марсијал од Манчестер јунајтед. Тоа го отсликува начинот на работа во клубот каде што сите беспрекорно функционираат, пишува „Би-би-си“. Севилја сега е втора на табелата во Ла лига со 47 бода, три помалку од Реал Мадрид (синоќа играше со Гранада) и се надева дека ќе успее да ја освои титулата, прва од 1946 година. Тоа би било огромно достигнување за клубот, кој, и покрај тоа што стана „крал“ на Лига Европа, триумфирајќи шест пати во овој век, никогаш посериозно не се заканил да ја прекине домашната доминација на Реал Мадрид, Барселона и на Атлетико откако се врати во Ла лига, во 2001 година. Во минатите две децении клубот еволуира, особено во претходните сезони, како што забележува играчот од средниот ред, Иван Ракитиќ, кој се врати во 2020 година по шестгодишното играње за Барселона. – Кога се вратив, бев многу изненаден од големите чекори што ги направи клубот. Нивото на квалитет на тимот, играчите што клубот може да ги ангажира, е многу поразлично од пред седум или осум години. Овие големи играчи навистина сакаат да бидат дел од Севилја. Тие не мора да заминат за да бидат во некој друг голем клуб бидејќи Севилја се бори за сѐ, за сите титули – изјави за „Би-би-си“ Ракитиќ (33). Колку што се важни новите играчи што дојдоа во јануарскиот преоден рок, толку се важни и оние што останаа. Ракитиќ, првиот нешпански играч, капитен на тимот по Диего Марадона во 1993 година, чувствува дека одбивањето на понудата на Њукасл за дефанзивецот Диего Карлос ја покажува амбицијата на клубот. – За Диего и за другите играчи, голема мотивација е да видат дека клубот има цел да ангажира играчи од највисоко ниво, како Марсијал. Мончи и претседателот на клубот работат совршено – вели Ракитиќ.

Мончи е поранешен резервен голман на клубот што стана спортски директор, личноста што Ракитиќ ја нарекува „најважниот човек во клубот“, кој „живее 24 часа“ и оној што него го донесе во Шпанија од Шалке во 2011 година. За 22-те години откако е во оваа улога, освен краткиот престој во Рома, Мончи помогна Севилја да се етаблира во еден од врвните европски клубови поради импресивниот младински систем, огромната глобална скаутска мрежа и маестрално регрутирање. До неодамна моделот на Севилја вклучуваше заработка од продажбата на најдобрите играчи и реинвестирање на тие пари. Но сезонава, нивната добра форма и резултати се плод и на тоа што не ги продадоа Жил Коунде лани летото и Карлос зимава, дефанзивците за кои Мончи смета дека се меѓу најдобрите во Европа и кои придонесоа Севилја да ја има најдобрата одбрана во Ла лига (примени само 16 гола на 22 меча). – Секој играч на Севилја е како мое дете. Понекогаш се во мојот ум, а најчесто во моето срце. Жил е фантастичен играч, тој е централен дефанзивец во француската репрезентација. Ако ме прашате за Диего Карлос, би ви го кажал истото. Во Шпанија, на негово или на нешто повисоко ниво се Давид Алаба и Едер Милитао, но веднаш до нив е Диего. Жил и Диего напредуваа во Севилја, не беа на денешното ниво кога ни се придружија и затоа сега ги чувствувам како мои деца – вели Мончи. Тој инсистира дека клупската трансфер-политиката не е променета, односно дека нема доволно привлечни понуди за неговите играчи. Но тој чувствува и дека позицијата на клубот на фудбалскиот пазар ја одразува нивната еволуција. – Ако детално ги анализираме сите специфични движења што ги направи Севилја на пазарот, можеме да видиме дека клубот се обидува да напредува уште повеќе. Ако го погледнеме зимскиот преоден рок, имаме играч од Манчестер јунајтед и еден од Порто (Текатито Корона). Лани зимата беше Папу Гомез од Аталанта, во претходниот Сусо од Милан. Се обидуваме да го искористиме целиот наш финансиски и работен капацитет за да обезбедиме одржлив и постојан раст на Севилја – објаснува Мончи.

Употреба на вештачка интелигенција

Клучна еволуција во регрутирањето на директорот за фудбал, Рамон Родригез Вердехо, попознат како Мончи, беше употребата на статистички податоци и вештачка интелигенција во скаутирањето, во развојот на фудбалерите и во тренинзите. Пред две години, клубот создаде оддел специјално за таа намена. Мончи вели дека на таа тема би можел да зборува со часови. – Вљубен сум во податоците. Вљубен сум во анализите. Имаме специјални фудбалски апликации, работиме на тоа да им дадеме дополнителни податоци на нашите скаути. Растот на клубот во оваа област е неверојатен и тоа е еден од нашите „камења меѓници“ – вели Мончи. Сепак, една од најпаметните одлуки на Мончи, која помогна да се реализираат тие работи на теренот, беше ангажирањето на Хулен Лопетеги за тренер. – Кога решив да го ангажирам Хулен, имав некаква слика за тоа во мојот ум, која денеска е многу подобра. Секој што работи во клубот има отворени очи и уши. Од нас се бараат многу работи и тоа е важно. Клубот е амбициозен, но има тренер што е уште поамбициозен, кој навистина сака постојано да се подобрува, што е многу корисно – појаснува Мончи. Наскоро гледачите би можеле да очекуваат реновирање или целосна реконструкција на иконскиот стадион „Рамон Санчез-Писхуан“, изградба на нов спортски комплекс, кој ќе вклучува ресторан, хотел, најсовремен фитнес-центар… – Се обидуваме да го предизвикаме и да го надминеме статус квото. Покажавме дека можеме да постигнеме повеќе со помалку. Ова е тим што никогаш не се откажува, никогаш не се предава. Сакаме секогаш да бидеме авангардни, тоа треба да биде нашата амбиција – вели генералниот директор Хорхе Парадела.


1 view

Comments


bottom of page